Кристофер Вокен:

Сакам мунти!

Интервју со омилениот холивудски ексцентрик, за кого новинарот на Салон вели дека иако кај соговорникот предизвикува страхопочит, самиот приватно е срамежлив и некако му е нелагодно кога му се обрнува внимание.

За улогата во "Ловец на елени" доби Оскар, рољата во "Catch me if you can" му донесе номинација, и наоколу е 60-тина години, во филмови, на телевизија и во театар, секогаш впечатлив. Последниот негов филм е "When I Live My Life Over Again," вистинита приказна за некогаш познат пејач кој планира свој камбек.

Луѓето веројатно не помислуваат на вас како на "крал на романсата". Дали потајно сте песнопоец?

Не знам дали некој воопшто ќе поверува дека сум пејач. Ќе видиме. Не пеам, за овој филм им кажав дека треба да земат некој што знае да пее.

Како создавате карактер кој е поинаков од оние по кои досега сте познат?

Секогаш се фаќаш за нешто што го знаеш. Пол (ликот кој го игра) бил во шоу бизнисот од мали нозе, исто како и јас. Навикнат бил да настапува пред публика, исто како и јас.

Каква музика сакате?

Секаква. Имам голема колекција уште од дете. Сè уште имам грамофон. Памтам, во тие денови - тоа беше ужасно - добри пејачи пееја диско музика. Многу глупаво.

Како гледате на својот живот и кариера? Има некоја горчина?

(се смее). Јас имав среќа. Многу, многу среќа. Добра е онаа идеја за која зборуваше Вуди Ален - а тој има одлични работи кажано за секакви работи - дека реинкарнацијата би била добра вест за сите нас. Кога си актер и кога после сцената режисерот ти вика "добро е, одиме на следното", ти обично му викаш "ох, може ли уште еднаш -двапати да снимиме?", па некогаш добиваш нова шанса, што е фино. Добро би било кога би добиле уште една шанса.

Што би направиле поинаку?

Не знам. Ми изгледа дека сè е до среќата. Уште од луѓето со кои си откако си роден. Нема фајде да сонуваш да си Мајкл Џордан ако нема шанса тоа да се случи. Мора да ја одиграш партијата со оние карти кои ти се поделени. Ја поминав добро.

Мислам дека поминавте многу добро.

Би сакал мунти. Безброј мунтија. Кога бев дете имаше една позната книга ("The Search for Bridey Murphy") за една жена од Ирска која со многу детали ги убедила сите доктори кои ја анализирале дека претходно имала уште 6-7 животи.

Пол признавал дека бил лош татко.

Тој е и лош татко и лош сопруг, ама можеби бил забавен. Мојот татко беше одличен човек. Трудољубив, имаше своја фурна, беше секогаш тивок, сè држеше во себе. Но, во моментот кога доби внук, комплетно се отвори, одеше на пикници и сл. Тотално друг човек. Пол така го гледам. Човек кој прескокнува една генерација.

Кои квалитети ги делите со својот татко?

Многу работеше. Сакаше да работи. Имаше своја дневна рутина а и јас имам своја. Сè исто правам секој ден. Станувам, читам, вежбам на подвижна лента и го гледам Чарли Роуз. Секогаш исто.

Пол е како мало дете.

Како 9 годишник.

Како се останува млад додека се старее?

Безнадежно е тоа. Единственото што можеш да го направиш е да се грижиш за себе. Сите очигледни работи. Инаку, не можеш да направиш ништо. Или можеби треба да имаш среќа со гените.

Својата ќерка Пол ја гледал како упропастен талент. Вие исто имате силна работна етика. Што ве мотивира?

Еднаш бев на забар чија специјалност беше да вади забни нерви. Кога дојдов на ред, му реков дека можеби и не мора да се вади нервот, можеби работата не е толку лоша да мора тоа да се прави. Тој само ми кажа: "Ама, јас баш тоа го работам". Сакаше да ми каже, јас ќе го извадам, сакал ти или нејќел. Исто е кога луѓе ме прашуваат зошто сум прифатил некоја улога. Тоа е она што јас го работам. Постои мит дека глумците прават некои избори. Повеќето глумци прифаќаат работа. И јас сум таков, прифаќам работа.

Пол тврдел дека играл пинг - понг со Нина Симоне. Кои се вашите интересни средби со познати личности?

Можеш со некој познат и од авион да скокнеш заедно, тоа не значи дека го познаваш. Кога сум во Лос Анџелес, секогаш отседнувам во Шато Мармо. Во сабота навечер сите остануваат до доцна па единственото време кога е лобито празно е в недела наутро. Имам едно цело големо место за мене таму. Имам фотелја, земам Њујорк Тајмс и читам. Едно утро се симнувам долу а на фотелја ми сединал некој човек. Збеснав. Седнав подалеку од него, читав и луто го подгледнував. Едно време со рака ме викна да дојдам. Приоѓам и гледам дека е тоа Питер О Тул! Само ми кажа "седни' и имавме прекрасен муабет. Подоцна го отпратив до кола и никогаш повторно не се видовме.  

Во што е привлечноста на инди филмовите, или главни наспроти споредни улоги?

Инди филмовите немаат многу пари па се снимаат брзо и ефикасно, како во старите времиња, Казабланка е снимена за само 6 недели. Во некои филмови можеш да се задржиш и 5 месеци. Тоа се случува често. Затоа, поинтересно е да одиш на работа и да бидеш зафатен отколку да чмаеш некаде по цел ден. Лошата работа е што не плаќаат толку добро, но од друга страна, добар дел од таквите мали филмови кои ги работам, се снимаат блиску до местото кадешто живеам па можам за викенди да сум дома.

23 април 2015 - 17:20