Бреговиќ: Балканската блех музика е панк

Сарајлија од татко Хрват и мајка Србинка, во француски хотел, на новинар на британски Гардијан му ја објаснува магијата на ромската музика. Може ли тоа? Може, што не би можело?

Горан Бреговиќ седи во хотелско лоби во Франција и зборува за морничавата историја на Сараево, неговиот некогашен детски дом, а подоцна место на најдолгата и најбруталната опсада во европската историја. Стотици илјади луѓе беа под опсада, а повеќе од 10.000 погинаа во периодот 1992-1996, кога силите на босанските Срби го обиколија градот среде насилните конфликти кои го одбележаа распадот на поранешна Југославија. Но животот таму некогаш беше многу поразличен, вели Бреговиќ, во ерата на комунизмот и претседателот Тито.

„Бевме малку сиромашни, но кога ќе погледнам наназад тоа веројатно било најдоброто време во нашата историја. Мирно време. Мајка ми беше Србинка, татко ми Хрват, а единствениот проблем во нашата куќа беше пиењето на татко ми...Тој беше поранешен југословенски офицер, а тие многу пиеа“.

Бреговиќ има живописна историја. Тој беше рок ѕвезда во поранешна Југославија, потоа пишуваше наградувана филмска музика, компонираше за оркестри и стана комерцијално најуспешен експонент на балканската ромска лимена музика - иако не е Ром. Има продадено повеќе од шест милиони албуми, и има соработувано со сите, од Иги Поп, преку Скот Вокер до починатиот Рашид Таха. Се опишува како „старовремски дечко кој не прави видеа, не се појавува на ТВ, туку ја претставува својата музика на бескрајна глобална турнеја. Нудам неизбежна споредба со Боб Дилан. „Ми се допаѓа“, вели.

Пораснал среде музиките на христијаните, Евреите и муслиманите кои коегзистирале во градот, и токму оваа ера и нејзините влијанија се главна тема во неговото дело „Три писма од Сараево“. Главниот град на Босна, вели тој, е „метафора на нашето време. Она што го доживеавме во Сараево по 1991, сега го гледаме низ целиот свет. Денес сме добри соседи - а утре пукаме еден на друг заради тоа што сме од различни вери. Човечките суштества се условени машини. Ако ги „програмираш“ добро тие се добри; ако ги „програмираш“ да бидат лоши, тие можат да бидат навистина лоши“.

Денес тој е во Рен, каде „Три писма од Сараево“ се изведува од Оркестарот за свадби и погреби, заедно со симфонискиот оркестар на Бретања. Шоуто почнува со културен судир, оркестарот свири мелодија а нему му одговараат пет Роми-трубачи и тапанар, кои пристапуваат марширајќи низ публиката. Бреговиќ чекори како рок ѕвезда - бело одело, разбушавена коса - и седнува на работ на оркестарот со електрична гитара в рака, но клучните солисти се тројца импресивни виолинисти од различни земји.

Ова е дело во кое доминираат три главно инструментални пасажи - Еврејско писмо, Муслиманско писмо и Христијанско писмо - и секој има различен соло изведувач, Гершон Лизерсон од Израел, Зиед Зуари од Тунис и Мирјана Нешковиќ од Србија. Финалето вклучува заедничко пеење на In the Death Car, до моментот кога Бреговиќ го презема водството, со полупеење-полуизговарање на стихови кои во оригиналот ги изведува Иги Поп.

Корените на оваа фузија се во Сараево. Таткото на Бреговиќ, воено лице, бил аматерски виолинист, и сакал и син му да го свири овој инструмент, „па земав часови виолина како мал...но сум многу повеќе тип за гитарист. Се научив самиот да свирам. Не можам да кажам дека сум образован музичар“. На 17 свирел гитара во стриптиз барови во Дубровник, но кога почнал да свири во барови во Италија, „имав проблеми со дрога. Мајка ми дојде да ме собере, и ветив дека нема да свирам веќе“.

Четири години го следел нејзиниот совет, и студирал филозофија на универзитетот во Сараево, потег поради кој подоцна требало да стане наставник по марксизам. Но наместо тоа драматично ја сменил насоката. „Не ги полагав последните испити, што ме спаси од таквата судбина. Наместо тоа станав рок ѕвезда - и бев најголемиот. Моите херои беа британските рок ѕвезди како Лед Цепелин; ако свириш гитара сакаш да бидеш како другите згодни гитаристи, како Џими Пејџ“.

Неговиот бенд се викаше Бијело дугме, „затоа што имав песна со стиховите `Кад би био бјело дугме, мала би се закопчала у ме`“. По издавањето на нивниот прв албум во 1974 тие ја потресоа југословенската музичка сцена со мешавината на хард рок, фолк и ромски влијанија - Ромите им помагале да се „подигнат“ пред настапи. „Кога бев голема рок ѕвезда секогаш имаше ромски лимен оркестар кој ни свиреше во соблекувална - тоа е она што предизвикува лудило! Секогаш мислев дека балканската лимена музика е како панкот на почетокот. Повеќе лудило од музика“. Продолжува за панкот: „Умре со God Save the Queen, затоа што таа беше одлично направена, добро продуцирана. Тоа беше крајот на панкот, кога почна да станува музика“.

Па што било толку посебно со Бијело дугме? „Рокенролот на комунистичката страна беше многу поважен од рокенролот на запад“, вели тој. „Ако бевте внимателни и не глупи, можевте да оставите пораки кои беа важни во тоа време“. Како на пример? „Денес може да изгледа детски, но беше важно во еден период тоа што мојот пејач беше облечен во бела генералска униформа, како Тито, а потоа во црно како полицаец во наци логор“. Вели дека ова било „очигледна алегорија за комунизмот и национал-социјалистичките режими“, и дека се обидувал „да ги натера младите да размислуваат малку поинаку“.

Па што мисли за Тито денес? „Направи многу добри нешта, но ја пропушти шансата да ја трансформира Југославија во демократска држава. Можеше да го стори тоа и тогаш војната ќе беше одбегната.“ Како што војната наближувала, Бијело дугме снимиле забранети националистички песни, „еден Хрват и еден Србин, заедно во една песна, користејќи забранети националисти на плочата...секако дека мојот менаџер заврши во затвор“. Неговите стихови по малку оптимистички сугерираа „кога ќе почне да се пука, ќе ги затвориме прозорците.... (Ќирибирибела)

Но кога Сараево беше под опсада, Бреговиќ го растури бендот и живееше во Париз. „Бев богат и славен, но кога почна војната загубив се - сите мои автомобили, бродови, куќите во Сараево. морав да работам прв пат, бидејќи до тогаш бев платен за нешта кои радо ќе ги правев бесплатно“. Сепак не бил во толку тешка ситуација. Во 1988 српскиот режисер Емир Кустурица побарал од него да напише музика за „Дом за бесење“, а следеле и други соработки. „Дури и во Англија имав една со Иан МекГрегор („Бакнежот на змијата“ од 1997). Но тогаш запрев. Имав силно чувство дека си го губам времето“.

Така, го формирал Оркестарот за свадби и погреби и тргнал на пат. Последниве 20 години е речиси постојано на турнеја, со „120 настапи минатата година - понекогаш и повеќе“. Станал светски најпознатиот промотор на балканската ромска музика. Што вели за критиките дека ја користи нивната традиција а не е Ром? „Не сум единствениот композитор кој е импресиониран и повлијаен од Ромите...и што е поентата на традицијата ако не можеме да ја користиме? Една од работите на кои сум најгорд е дека денес е петок, и стотици ромски бендови ќе свират за бакшиш, и ќе изведуваат голем број мои песни. Ми се допаѓа идејата дека заради тоа некое дете ќе има мармалад на лебот“.

Како следен проект тој планира продолжение на својата опера од 2007, „Кармен со среќен крај“, но овој пат базирана врз приказни на мигранти и лоцирана во Манчестер „затоа што ми велат дека таму живее најмешано население во цела Европа“. Вели дека се радува што ќе живее таму неколку месеци. „И плус сум голем фан на Манчестер Јунајтед“.

Еден француски музички агент кој патува со него изгледа сомничав: „Кога ќе го направи сето тоа? По Франција оди во Сибир, потоа во Лондон“. Ми го покажува преполниот распоред за оваа година, кој ги вклучува Европа, северна Америка, Мексико и секако концерти во Сараево.

„Плаќам даноци во Сараево; јас сум локален композитор па морам да бидам таму“, вели Бреговиќ. „Но градот се има променето“. Тој жали што градот го има загубено предвоениот дух, кога различните балкански етницитети, муслимани и христијани, живееле заедно, едни со други. „Тоа беше примитивна војна, со примитивни резултати, и ќе ни треба време да се вратиме. Но го сакам Сараево“.

Робин Денселоу, Гардијан

28 февруари 2019 - 12:20