За туѓи пусти вегани

Фаза 1: Боливијската и перуанската сиромаштија се прехранува со една евтина локална житарица. Фаза два: Житарицата станува фенси храна во западните вегански кругови. Фаза три: цената на житарицата оди во небо и јадниците од Андите веќе не можат да си ја дозволат. Решение? Нека јадат колачи од тофу.

До пред извесно време, автохтоното житно растение кинва можело да се најде само во ретки гранапчиња во Боливија и Перу. Нит некој го барал, нит го купувал. Им служело на најсиромашните да се прехранат, бидејќи добро виреело по планините.

Ситуацијата од корен се менува кога на Запад се проширува гласот за житарицата која е одлична замена за месо, затоа што содржи висок процент протеини (меѓу 14 и 18 проценти) и сите оние амино киселини и други чуда.

Ете ја бељата. Кинва станува маст хев додаток во јадењето на веганите од модерните земји, а нејзината цена во Јужна Америка неколкукратно се зголемува. Добива копирајт решение "Чудотворното зрно од Андите" и феноменално проаѓа на Запад, препакувано во обични и премиум изданија.

Епилог, сиромаштијата веќе не може да си дозволи кинва, бидејќи џанк фудот станува поевтин. Кило житарица во Лима денес е поскапо од месо а најпожелна инвестициона шема е да се купува земјиште и да се сади со оваа житарица.

Ова не е првпат овие земји да почувствуваат како извозот на добро платена храна може да го загрози локалниот раат. Претходниот светски прехранбен хит од Перу беше аспарагусот, се додека ова жедно растение не ги пресуши изворите на вода од кои зависеше населението во регионот Ица.

И на крај за сојата, најчестиот елемент во менито на вегетаријанците. Оние кои ја промовираат како напредна алтернатива за оваа наша самоуништувачка планета, треба да знаат дека сојата е една од двете главни причини за уништување на шумите во Јужна Америка, заради правење нови плантажи соја за да се задоволат светските барања за овој производ. Да бидеме докрај, прецизни, преку 90 проценти од светските количини на соја одат за прехрана на животни.