Веге дискови за вас прекрасни вегани

Во време на изникнување на секакви идентитетски прашања низ светот, европските парламентарци одлучија да воведат ред и јасно да направат разлика што е месо, а што е трева, барем кај суровините за скара.

Француските социјалисти во ЕУ парламентот поднесоа предлог производите кои не содржат месо да не можат да се нарекуваат плескавица, колбас, шницла или бифтек.

„Чувствуваме дека бифтекот треба да се чува за вистински бифтек со месо. Луѓето треба да знаат што јадат,“ порачува парламентарецот Ерик Андри.

Наводно предлогот е новите имиња да вклучуваат термини како „вегански протеински цевки“ (колбаси) и „веге дискови“ (плескавици).

Прва на бунт околу идентитетот се крена млекарската индустрија околу термини како „тофу путер“ или „веганско сирење“. Во 2017 Европскиот суд на правдата одлучи во нивна корист дека термини како путер, сирење и слично, се резервирани исклучиво за производи од животинско потекло. Минатата недела на списокот на недозволени фрази беа додадени и „налик јогурт“ и „замена за путер“.

10 април 2019 - 10:30