Како индустријата за банани ја убива бананата

Сè што глобалното мнозинство денес подразбира под банана е од сортата Кавендиш. Феноменално добра сорта за одгледување (принос / цена / издржливост), чиј најголем проблем е што сите само нејзе ја садат. Сега оваа сорта ја фати болест која никој не знае како да ја излечи.

Болеста Tropical Race 4 е мутација на Race 1 која на почетокот од 20-от век буквално го уништува речиси целото светско производство на банани. Во тој период во светот преовладува сортата Грос Мајкл. Како спас од оваа болест се појавува сортата Кавендиш, која е комплетно отпорна на Race 1. Производителите го откриваат ова и почнуваат масовно да садат Кавендиш, за денес 99% од бананите што се јадат во развиениот свет да се од оваа сорта.

Иако не е единствена болест што ги напаѓа бананите, паниката околу Tropical Race 4 е што таа е неуништлива. Болеста лесно се пренесува (доволно е да згазнеш во контаминирана земја и со себе да ја однесеш), не го уништува само плодот туку целото дрво, a откако ќе умре растението тоа остава спори во кои болеста може со децении да чека нов насад да биде посаден на тоа место, за и него да го зафати. Плус на сето ова болеста преставува закана за околу 85% од глобалното производство од сите видови банани.

Претпоставката е дека Tropical Race 4 настанува кога производителите на банани во својот поход по нови пространства за плантажи одлучуваат да започнат со садење во Малезија "античката колевка на бананите." Тие во Азија ја пренесуваат сортата која со години ја одгледуваат во Јужна Америка.

Проблемот е што во годините додека во Латинска Америка Кавендиш од дива сорта на банани се адаптирал во она што денес го користиме, паралелно со тоа се развиваат и болестите. Со години, бананите и бактериите си пркоселе едни на други.

Кога производителите го носат Кавендиш во Малезија, него таму го дочекува "потомок" на Race 1, кој со години се развива во земјата, без притоа да има некоја сорта на банани која еволуира паралелно со него (како што Кавендиш го прави тоа со бактериите и болестите во Јужна Америка). Сега бактеријата има 100 години еволуциска предност во однос на бананите.

Засега најголемите производители на банани, Чикита и Дол, не сметаат дека постои директна закана за индустријата, објаснувајќи дека тие "цело време се занимаваат со вакви проблеми."

Извозот на банани на светско ниво вреди околу 8,9 милијарди долари, додека вкупното производство и продажба на банани годишно изнесува 44,1 милијарда долари. Разликата меѓу двете суми е затоа што речиси 90% од светски банани се консумираат во сиромашните држави "каде најмалку 400 милиони луѓе" зависат од нив за внесување на 15 до 27% дневните калории.

5 март 2014 - 20:33