Затвор за вежбање клавир

Мала пакосна одмазда за сите оние анонимни жртви кои во животот некогаш имале комшии убедени дека нивното најмило има особен талент за музика па му купиле инструмент., обично од најгласните. "Го гледам, одма ја фаќа мелодијата" гласи најчестата објективна рецензија на амбициозниот родител кој со мелодија обично се среќава само на слави и други веселби. Е па, купи му кавал и нека вежба во планина.

Веста најдобро се чита со музика:

Пијанистка од Шпанија се соочува со седум години затвор заради вежбање на инструментот дома.

Ел Паис известува дека соседка од североисточниот каталонски град Гирона подигнала тужба а обвинителите бараат пресуда за криминал против човековата средина, аудио загадување и нанесени психолошки рани во периодот 2003-2007-ма.

Со обвиненија се соочуваат и родителите на пијанистката бидејќи ѝ обезбедиле средства и услови за овој криминал.

Комшиката обезбедила лекарски уверенија дека претрпела оштетување на слухот и напади на паника за време на бременоста како резултат на "аудитивен стрес од околината".

Со обвинението се бара и на пијанистката да и биде забрането занимавање со оваа професија во следните 4 години.

Со тужбата можат да се сочувствуваат сите кои имале вакви комшии.

Иако, да бидеме искрени, кога ќе се погледне целиот случај на оштетената комшика, не би сакале ни ние да ја имаме во близина.

14 ноември 2013 - 09:13