Ова не е нееднаквост, ова е глупо

Заради веќе добро документираниот расплет на настани околу Кевин Спејси беше одлучено сите негови сцени во All the Money in the World да бидат преснимани и тој да биде заменет со друг актер, Кристофер Пламер. Ова значеше дека и другите актери ќе треба да се вратат на снимање. Меѓу овие што доснимуваа се и Марк Волберг и Мишел Вилијамс, и како што е редот и двајцата треба да добијат пари за тоа.

УСА Тудеј објавува изјави од тројца луѓе поврзани со доснимувањето на проектот, и сите тројца потврдуваат дека Волберг за дополнителната работа бил платен 1,5 милиони долари, додека Мишел Вилијамс нешто помалку од 1.000 долари.

Без никаква виша математика, излегува дека Вилијамс била платена помалку од 0,1% од парите што ги земал нејзиниот колега.

Објаснувањето е дека луѓето на Волберг успеале да преговараат подобра цена за својот клиент. Слабата страна на ова објаснување е што и Волберг и Вилијамс се застапувани од истата агенција, Вилијам Морис ендевор.

Волберг годинава беше прогласен и за најпреплатениот актер, имајќи предвид колкави хонорари зима а колку пари вадат неговите филмови на кино-благајните.

Од сите што ги контактира околу целата работа УСА Тудеј добива одговор само од Вилијамс која објаснува дека кога луѓето на Ридли Скот и се јавиле за да ја ангажираат за преснимувањето „јас им реков дека ќе бидам каде и да им затребам, кога и да им затребам. И дека може да ја имаат мојата плата, може да го откажам мојот одмор, што и да треба. Затоа што толку многу го почитував тоа што се обидуваа да го преснимаат филмот (наместо само да го спакуваат и никогаш да не биде објавен).“

11 јануари 2018 - 10:31