Оскари 2013

Арго - филм на годината, Даниел Деј Луис - најдобар актер, Џенифер Лоренс - најдобра актерка, Анг Ли - најдобар режисер, Квентин Тарантино - најдобро сценарио. На Оскарите Линколн влезе со 12 номинации, Животот на Пи со 11, Клетници и Во добро и во лошо се со по 8 номинации, a Арго со 7.

Арго е најголемото изненадување на 85-от Оскар, откако дури и без номинација во категоријата за Режисер на годината успеа да го освои Оскарот за Најдобар филм. На другата страна е Линколн кој влезе со 12 номинации на Оскарите, за на крај да освои само 2 Оскара (за продукциски дизајн и главна машка улога). Дури ни Спилберг годинава не доби статуетка за најдобар режисер.

Севкупно најуспешен филм е Животот на Пи со 4 освоени Оскари (режија, кинематографија, визуелни ефекти и оригинална филмска музика), на второ место се Арго и Клетници со по 3 Оскари (Арго: филм, адаптирано сценарио и монтажа; Клетници: споредна женска улога, звук, фризура и шминка), а по 2 Оскара освоија Џанго Разузданиот, Линколн и Скајфол (Џанго Разузданиот: споредна машка улога, оригинално сценарио; Линколн: продукциски дизајн, главна машка улога; Скајфол: монтажа на звучни ефекти и оригинална песна).

Кристоф Волц со Оскарот во рака

Прва категорија на вечерта е Најдобра машка споредна улога, во која сите пет номинирани актери веќе имаат добиено Оскар. Годинава победник е - Кристоф Волц за улогата на забарот Кинг Шулц од Џанго Разузданиот. И минатиот Оскар на Волц, беше од неговата соработка со Тарантино за Неславните копилиња.

Во категоријата за Најдобар краток анимиран филм Оскарот го освои Paperman во режија на Џон Карс, кој го работеше во соработка со Дизни. За Најдобар долгометражен анимиран филм на 2012-та е прогласен Brave од Пиксар во режија на Марк Ендрус и Бренда Чепмен.

Животот на Пи ги доби еден по друг Оскарите за кинематографија Клаудио Миранда и за визуелни ефекти (Бил Вестенхофер, Ерик де Бур, Доналд Р. Елиот). Македонската компанија FX3X беше дел од глобалниот тим кој работеше на визуелните ефекти на филмот. Освен на Животот на Пи, тие работеа и на уште два филмови номинирани за визуелни ефекти: Клетници и Прометеј.

За филм со Најдобра костимографија е прогласен Ана Каренина и костимографката Жаклин Дуран, а категоријата Најдобра фризура и шминка го донесе првиот Оскар на вечерта за Клетници и тимот предводен од Лиза Вескот и Џули Дартнел.

Полициски час на Шон Кристенсен е Најдобар краткометражен филм, a Осакрот за Најдобар краткометражен документарен филм го доби Inocente, Шон Фајн и Андреа Никс.

Оскарот за долгометражен документарен филм го добива Во потрага по Шеќерниот човек, приказната за американскиот музичар Родригез кој во 70-те станува музички херој во Јужна Африка. Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје годинава е Љубов на Австриецот Михаел Ханеке.

Мјузиклот Клетници го доби Оскарот за Најдобар звук, a наградата за Најдобра монтажа на звучни ефекти ја поделија 00:30 Тајна Операција (Пол Отосон) и 007 Скајфол (Пер Халберг, Карен Ландерс).

Ликот на Фантин од Клетници и го донесе првиот Оскар и наградата за Најдобра споредна женска улога на Ен Хатавеј.

Оскарот за монтажа за 2013. го освои Вилијам Голденберг за филмот Арго.

Првиот Оскар на 85-те награди Линколн го доби во категоријата Најдобар продукциски дизајн (за работата на Рик Картер и Џим Ериксон).

Филм со Најдобра оригинална филмска музика според Академијата е Животот на Пи (Мајкл Дана), a за Најдобра оригинална песна за филм е прогласена Скајфол на Адел од истоимениот филм.

Приказната на Крис Терио за Арго е Најдоброто адаптирано сценарио, a Оскарот за Најдобро оригинално сценариот го доби Квентин Тарантино за Џанго Разузданиот.

Во трката за Најдобар режисерАнг Ли го победи Стивен Спилберг и ја освои оваа категорија за режирањето на филмот Животот на Пи.

Оскарот за Најдобра актерка го доби Џенифер Лоренс за улогата во филмот Во добро и во лошо, а Најдобар актер за 2012-та е Даниел Деј Луис за главната улога во Линколн. Даниел Деј Луис е првиот актер што има добиено 3 Оскари за Главна машка улога.

Оскарот за Најдобар филм го освои Арго.

Листа на сите добитници:

- Најдобра машка споредна улога - Кристоф Волц

- Најдобар краток анимиран филм - Paperman (Џон Карс)

- Најдобар долгометражен анимиран филм - Brave (режија Марк Ендрус и Бренда Чепмен)

- Најдобра кинематографија - Животот на Пи (Клаудио Марендо)

- Најдобри визуелни ефекти - Животот на Пи (Бил Вестенхофер, Ерика-Јанд де Бур, Доналд Р. Елиот)

- Најдобра костимографија - Ана Каренина (Жаклин Дуран)

- Најдобра фризура и шминка - Клетници (Лиза Вескот и Џули Дартнел)

- Најдобар краткометражен филм - Полициски час (Шон Кристенсен)

- Најдобар краткометражен документарен филм - Inocente (Шон и Андреа Фајн)

- Најдобар долгометражен документарен филм - Во потрага по Шеќерниот човек

- Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје - Љубов (Михаел Ханеке)

- Најдобар звук - Клетници

- Најдобра монтажа на звучни ефекти - 00:30 Тајна Операција (Пол Отосон) и 007 Скајфол (Пер Халберг, Карен Ландерс)

- Најдобра женска споредна улога - Ен Хатавеј (Клетници)

- Најдобра монтажа на филм - Вилијам Голденберг (Арго)

- Најдобар продукциски дизајн - Линколн (Рик Картер и Џим Ериксон)

- Најдобра оригинална филмска музика - Животот на Пи (Мајкл Дана)

- Најдобра оригинална песна за филм - Скајфол - Адел (Скајфол)

- Најдоброто адаптирано сценарио - Крис Терио (Арго)

- Најдобро оригинално сценарио - Квентин Тарантино (Џанго Разузданиот)

- Најдобар режисер - Анг Ли (Животот на Пи)

- Најдобра актерка - Џенифер Лоренс (Во добро и во лошо)

- Најдобар актер - Даниел Деј Луис (Линколн)

- Најдобар филм - Арго

Крај.

 

25 февруари 2013 - 02:54