Кој курац прави Мајкл Мадсен со својот живот?

Секоја епоха на американската кинематографија носи по некој иконичен актер кој успева да нè убеди дека е автентичен лик на тоа време: емотивен ама со краток фитиљ за тепачка, насилен но со бескомпромисен инстинкт за правда, некој кого младоста не го мазела додека неговите врсници оделе на музичко школо. Такви беа Кегни, Богарт, Мичам, Иствуд, Де Ниро. Таков можеше да биде и Мајкл Мадсен. Ама не стана.

Никој немаше повеќе шанса од него да биде цврстиот и заебан лик на 90-тите години, како мускулест контрапункт во ерата која ја обележаа ликови како Киану Ривс или Дејвид Швимер.

Таков беше во Reservoir Dogs, Donnie Brasco, Species, и Free Willy. Голем и природен балван од човек кој не работи во теретана на својот изглед, убав ама ни приближно убав на начин кој го квалификува да биде разгледан како модел за реклама на GAP.

Особено во Reservoir Dogs, каде за неговиот Mr. Blond можевме да поверуваме дека не се работи за актерска улога туку дека уште мамурен го земале од затворска ќелија и го ставиле пред камера како дел од неговата судски пропишана ресоцијализација. 

Ако Том Хенкс ја долови природната пристојност на просечниот Американец, Мадсен беше од оние кои ликови на кои не сакате да налетате во полноќна сендвичарница или во празен вагон на градското метро, еден од оние кои ве ежат дури и ако се само ликови во роман на Чендлер.

Што излезе од сиот тој и таков капитал?

Резултатот е импозантен ако се земаат голите бројки, мизерен ако се види содржината.

Тој не стана легенда како горенаведените Кегни, Мичам, Иствуд, а не ни рикна на тугаљив но некако романтичен начин како Мики Рурки или Денис Хопер. 

Неговиот ИМДБ скор е 238! За да се сфати апсурдноста на таа бројка, нека се знае дека тоталот на Де Ниро, кој последниве две децении не знае да одбие и најглуп филм е - 101. Само во последните 12 месеци Мадсен има 25 појавувања на екран, и јасно е зошто е денес тој толку небитен. Човекот има снимено 200 филма повеќе од Дениел Дел Луис а последно вредно по што го паметиме се неколкуте негови минути во Sin City.

Некогаш симбол на старата Америка, од оние неприлагодени кои не простуваат, тој во меѓувреме снимаше филмови на руски јазик во кои беше именуван само како "агент", се позајмуваше за видео игри, цел збунет учествуваше во Celebrity Big Brother.

Негова најголема утка е кога пропушти да биде она што беше Џон Траволта во Палп Фикшн, затоа што тогаш го снимал Вајат Ерп.

Што стои зад сите вакви погрешни деловни одлуки? Погрешни животни одлуки.

Решил да затајува данок па беше плеснат со казна од 680.000 долари, одеше на клиничка рехабилитација заради проблеми со алкохолот,  има позајмено милион долари од Тарантино и нешто ситно од Пирс Броснан по што се прогласи за банкротиран, го претепал син му кога го фатил со ганџа, се претпоставува дека тој е човекот кој за пари го има дадено следното сценарио на Тарантино на новинарите по што режисерот се откажа од филмот.... И најлошо од сè, пасионирано пишува поезија.

"Се издавам ли себе ако прифаќам улоги со кои ја хранам фамилијата?", праша еднаш Мадсен бранејќи се од обвинувањата за погрешните филмски чекори.

Парадоксално, од таа страна гледано, тој е архетип на актер од старата добра Америка, не затоа што е најдобар, туку затоа што во глумата не бара некаква уметничка вистина туку само начин да преживее.

27 јули 2014 - 12:51