Како полигамијата започнува војни

Наспроти очекувањата што може да ги има човек со наша перспектива не се работи за војни по дома, меѓу двете, трите или колку и да се сопруги, тие живеат во мир и разбирање колку што е тоа можно, се работи за цели регионални вооружени конфликти.

Економист го обработува примерот со Јужен Судан каде 40% од браковите се полигамни, а и очекувањата на народот се дека маж треба да има онолку жени колку што има ресурси да ги издржи. Бројноста на сопруги сама по себе носи и почит од околината.

Без да се навлегува во цивилизациски разлики, Економист објаснува дека проблемот со полигамијата е што таа го „дестабилизира општеството, во најголем дел затоа што претставува форма на нееднаквост која создава сериозна болка кај младите мажи.“

„Ако богат маж има Ламборџини, тоа не значи дека сиромашниот мора да пешачи, бидејќи бројот на автомобили не е фиксен. Наспроти ова, секој пат кога богаташ ќе земе нова дополнителна жена, друг сиромашен маж останува самец.

Ако најбогатите и најмоќни 10% од мажите имаат, на пример, секој по 4 сопруги, тогаш најсиромашните 30% од мажите не можат да се оженат.

А младите луѓе ќе преземат очајни мерки за да го избегнат ваквиот статус,“ се објаснува во текстот на Економист.

Токму ова е еден од главните фактори што е заеднички за Арапската пролет или зошто џихадистите од Боко Харам и ИСИС успеаа да освојат цели пространства од Нигерија, Ирак и Сирија, и зошто полигамните региони од Индонезија и Хаити се толку турбулентни.

„Полигамните општества се покрвави, поверојатно да извршат инвазија на своите соседи и посклони на колапс отколку останатите. Земањето повеќе сопруги е дел од секојдневието во сите 20 најнестабилни земји од Индексот на фрагилни држави.

Затоа што полигамијата е нелегална во најголемиот дел од богатите држави, најголемиот дел од жителите на Западот потценуваат колку е таа честа. Повеќе од една третина од жените во Западна Африка се во брак со маж кој имa повеќе од една сопруга. Ваквите бракови се бројни и во арапскиот свет, како и во југо-источна Азија и делови од Карибите,“ објаснуваат авторите.

Ваквата пракса доведува до формирање на посебен невестинска економија, па сиромашните семејства гледаат што можат порано и поскапо да ги продадат своите ќерки, за со парите да можат да купат што е можно повеќе сопруги за своите синови. Возраста на девојките е важна и заради нивната плодност, па така во Јужен Судан девојки на возраст од 20 години се сметаат за стари затоа што по оваа возраст не можат да раѓаат многу деца.

„Кога имаш 10 ќерки секоја од нив ќе ти даде 30 крави, и тие сите се за таткото. Па сега имаш 300 крави. Ако таткото ги продаде своите ќерки на 15 години и не ги остави синовите да се женат додека не наполнат 30 години, тој има 15 години да ужива во бенефитите од продажбата на својата ќерка. А тоа е многу млеко,“ објаснува еден од суданските племенски старешини.

Токму растечката цена на невестите е „критичен“ фактор за „младите мажи да се инволвираат во организирано групно насилство во политички цели.“ Ова го знаат и терористичките групи, па голем број од своите членови ги регрутираат токму од оваа демографија.

30 јануари 2018 - 13:33