Упатство од Борислав Пекиќ

Затоа си сам

Со никого, по никоја цена немојте да се согласувате. Таквото попуштање само ќе ве одведе во анонимност, иронизира стариот мајстор.

"СЕ СОГЛАСУВАМ" -тоа е најнечесната, најбедната мисла која можете да ја изговорите. Таа сведочи дека сте изгубиле секаква самопочит. Затоа никаде, со никој, немојте да се сложите. Не наседнувајте на аргументи, не им се давајте на причините, не верувајте на очигледностите, презирајте ги аксиомите - тие се тука само за да ве понизат. Бидете возвишено постојани како оној великан на духовната независност Гашпар д'Естек, филозоф и поли-историчар, кој, потопен во врело масло, победоносно изјави: "Не гори, значи не ни пече!" - а потоа умре.

Никаде, никому и за ништо не признавајте дека е во право. Ни по цена на животот. Вашето мислење е најдобро бидејќи за него никому ништо не должите: ни на искуството, ни на туѓата мудрост, науката, историјата, ни нa откровението - само на себе. Немојте да се согласувате дури и ако ве убедуваат дека сте паметни. Совладајте го своето растреперено срце кое копнеe со тоа да се согласи - тоа е стапица! Тие ја сакаат само вашата согласност. Потоа ќе бараат, затоа што сте паметни, и за други работи со нив да се согласите. А каде би ве одвело таквото попуштање - во анонимност.

Не, вие ќе им кажете дека сте будала, ќе дозволите околу тоа да се развие дијалог, а вие, ако мене ме послушате, ќе отидете онаму каде што на мир ќе можете да го слушате единствениот човек кој за една тема може да ви зборува на единствениот можен начин. Треба ли да кажам дека најверојатно, тој човек ќе бидете вие.

Борислав Пекиќ

1 ноември 2015 - 08:24