Сплит, осумдесеттите

Под око ќе нè гледаа а и ние нив и сите ќе се правевме дека не го правиме тоа. Всушност, сите ги чекавме сентишите кога секој прав сплиќанец кој држи до себе, на избраничката на срцето свое, мрзливо ќе ѝ пријдеше и, како да не му е гајле, ќе кажеше: „Ќе играш?“ Потоа избраничката, правејќи се дека ѝ е уште помалку гајле, ќе кажеше „Е, ајде“.

Леле бе како се скокаше во осумдесетите. Потскокнувавме по Рива, по Перистил накај Шекспир (диско)... А во Шекспир ние женските би влегле, покрај шанк ќе ги здогледавме наредени најдобрите сплитски модели на машки Левиски. Во тоа време, Левиски на машки требаше да им стојат малку баталено, малку како да не им е гајле, божесачувај да видиш натегната машка фигура. Малку смешно пивско стомаче додаваше неодолив шарм на вкупниот впечаток. Машките уствари требаше да изгледаат како да не им  гајле како изгледаат.

За разлика од машките, ние женските моравме да носиме бар два броја помали од нашата природна големина. Во нив влегувавме така што ги навлекувавме со змија- техника, па ќе легневме на кревет и ќе издишевме за да можеме да затвориме шлиц. После некоја пријателка ќе ни подадеше рака за да станеме и да се дигнеме на нозе. Не можеш да се облекуваш без асистенција а ако циркулацијата ти функционираше нормално и откако си ги навлекла фармерките, тоа беше знак дека си утнала број и дека ти се преголеми.

И така ќе цупкавме во ритам покрај шанкот и под око ќе нè гледаа а и ние нив и сите ќе се правевме дека не го правиме тоа. А всушност, сите ги чекавме сентишите кога секој прав сплиќанец кој држи до себе, на избраничката на срцето свое, мрзливо ќе ѝ пријдеше и, како да не му е гајле, ќе кажеше: „Ќе играш?“ Потоа избраничката, правејќи се дека ѝ е уште помалку гајле, ќе кажеше „Е, ајде“.

Ако потраеја повеќе од еден сентиш, после тоа, и натаму правејќи се дека не им е гајле, ќе се венчаа, ќе направеа по некое дете и ќе живееја среќно до крајот на животот. Сакам да кажам, до крајот на осумдесеттите.

Боба Ѓудерија

************

Исто од Боба:

Далматинка во царството на ајварот

Кралство давам за сè е во ред

Совршената реченица

26 февруари 2021 - 10:54