Жената, пушката и тутун-кесата не ја давај никому

По патот на тутунскиот чад од Кариби до Прилеп

Драган од Охрид, кого сите на каравелата "Санта Марија" го викаа Алонсо де Охеда* не чекаше да биде повикан од Адмиралот и да добие наредба. На 12 октомври 1492 тој прв со своите двајца најдобри другари, Мигуел и Раул, скокна во чамец подготвен за спуштање на брегот на Новата земја, кон која, со така измешани чувства на надеж но и сè повеќе страв тргнаа од Гранада на 12 мај 1492.

Колумбо се истоварува на Костарика

Како што минуваат месеците, почнаа и сомнежите, па и гласно изразено негодување зголемено со стравот од неизвесноста. Адмиралот Колумбо во последните недели целото време го минуваше крај кормилото опкружен со неколкумина од најверните меѓу кои беше и бестрашниот и најхрабриот Алонсо де Охеда кој во бессоните ноќи го молеше да му раскажува за далечните бисерни брегови на кои никогаш нема да стапнат - стануваше збор за најчистото од сите познати езера, но и недостапни води за таков брод. А Драган не само што беше вешт да ја улови најголемата пастрмка, туку и бестрашен во ловот на диви свињи. Турците го оставаа на мира и почна да се плашат од него, па дури и да го почитуваат кога совлада и уби мечка која пустошеше во подножјето на Шар планина.

Како еден од најхрабрите, но секако и најверни морнари и освојувачи на Новиот свет, тој е награден не само од адмиралот туку и од шпанскиот двор, па Драган наместо златото кое не го најдоа избра на Стариот континент да донесе чудна билка чии сушени листови домородците ги виткаа во стапчиња, ги палеа и повлекуваа дим, притоа ослободувајќи го уморот и носталгијата. Повозрасните меѓу тие чудни луѓе пиеја и некоја матно-жолтеникава течност за која подоцна се покажа дека сите морнари на светот ја прифатија како најдобар другар на далечните патувања, а современиот хедонизам ја препознава како рум. По откривањето на Новата земја која неправедно по еден друг морепловец, Америго Веспучи, ќе биде наречена Америка - Колумбо се врати во Шпанија, а на брегот го остави Драган од Охрид со 42 морнари кои ќе ја изградат тврдината Ла Навидад.

Драган од Охрид или Алонсо де Охеда, по некое чудо успева во својот роден крај, околу денешна Битола, да донесе неколку снопчиња од чудната билка која во тие краеви се одржа до денешен ден. Меѓутоа, традицијата на виткање суви лисја се изгуби и денес имаме одличен сечен тутун за кој се грабаат најголемите светски компании.

Историјата на Балканот главно е преполна со крвави настани меѓу кои од време на време ќе се појави некој интересен лик како што е Драган од Охрид и по трагата на тутунскиот чад ќе нè одведе по некои други патишта. Една од никогаш непотврдените приказни во врска со трагичниот крај на Карпош е таа дека пред смртта, на крајот од задушеното востание од 1690, тој побарал да запали луле со тутун. Оваа легенда има право на живот, имајќи предвид дека во Едрене околу 1600-та првиот тутун го носат "англиските неверници", наследниците на пиратот Дрејк кој, и историски потврдено, го носи првиот тутун во Англија и го поклонува на Елизабета Прва "девицата", по која и го добива името "вирџин тутун".

Било како било, познато е и дека за време на потпишувањето на Кучук-каинарџијскиот мир од 1774 (меѓу Руското царство и Османлиската империја), се пушел квалитетен тутун "од Прилеп". Современите патописци споменуваат и поново доба, средината и крајот на 19-от век, кога Вангел Тома "тутунџијата" кој едно време со тутун го снабдувал и кнезот а потоа и првиот српски крал Милан Обреновиќ**.

Милан Пајевиќ
(по повод основањето на првиот клуб на љубители на историја, традиција и хедонизам од секаков вид 'со мерка' од просторите на среден Балкан или Вардарска Македонија, со име Afisionado Club La Navidad)

П.С.
(забелешка од нас) Како за нација што верува дека приказната за вселенската програма на СФРЈ е вистинита, немате многу простор да се буните за текстов.

* "South Slavic Immigration in America" (The Immigrant Heritage of America Series)
July 10, 1978
George J. Prpic

** Boško Mijatović  "Tobacco and the Serbian State in the 19th Century ", Publisher Center for Liberal-Democratic Studies 2006

1 декември 2016 - 17:40