Пикасо, Скопје 63, Битката на Неретва, 12 шишиња вино

За појаснување на хаикуто од насловот: постерот за Битката на Неретва на англиски јазик е нацртан од Пикасо за 12 шишиња вино, а ова се случува само откако документарецот Скопје 63 ја добива првата награда на филмскиот фестивал во Монте Карло.

Неколку факти околу приказната, Битката на Неретва прво е најскапиот филм на сите времиња во СФРЈ (спонзориран е од 58 југословенски претпријатија и во него учествува полк на ЈНА со 10.000 војници), и второ тоа е само вториот филм во историјата за кој Пикасо има направено постер. Првиот е Андалузиски пес, чии автори се Буњуел и Дали.

Приказната започнува во 1964, кога документарецот на Вељко Булајиќ за скопскиот земјотрес, Скопје 63, добива прва награда. Претседател на жирито на фестивалот во Монте Карло е академикот Марсел Ашард, кој во тоа време е сместен кај својот пријател Пикасо.

За време на фестивалот Ашард кај "цимерот" носи копија од документарецот. Филмот му се бендисува, па Пикасо оди на завршната свеченост и му честита на Вељко Булајиќ за освоената награда.

Булајиќ на најголемиот дел од публиката подоцна и станува познат како режисер на Битката на Неретва, чија премиера е на 29 ноември 1969. Пред премиерата Булајиќ во Париз се среќава со агентот на Пикасо и го замолува уметникот да му направи постер за Битката на Неретва.

Откако го гледа филмот, Пикасо се согласува да го направи постерот. Негови два предуслови за ова се: за постерот да може да користи делови неговата слика Грабнувањето на Сабињанките, и бојата на плакатот да биде црвена.

Како хонорар за сето ова, Пикасо од продуцентите бара - 12 шишиња вино од Југославија.

Постерот за филмот "Битката на Неретва" е отпечатен во ограничен тираж, а секој примерок потпишан во Пикасо на задната страна. Подоцна постерот го објавува и Њујорк тајмс во својот неделен број со тираж од 1,2 милиони примероци.

По обемна дебата кој да го добие плакатот, Извршниот комитет, Тито, Сојузното собрание, оригиналот од Пикасо останува кај Булајиќ кој и го плаќа сето тоа со 12 шишиња вино.

Хонорарот за Пикасо бил составен од вина од Македонија, Далмација и Србија.

Да се вратиме на почетокот од приказната, на тие што им се гледа Скопје 63, тука.

 

26 јануари 2017 - 14:59