Две цртички за Тито

Во однос на САД, не само оваа наша Македонија, туку и онаа Титова Југославија беше мал играч. Па сепак, Тито го примаа во Белата куќа со сите државнички почести, а тој знаеше и пура да им запали во дневна. На нашиве, животен хајлајт им е ако ги викнат на оној божиќен појадок, а после тоа да не ги претресуваат да не украле некоја виљушка. Знаете зошто? Меѓу другото, затоа што за разлика од дипломатскиот гигант Никола Димитров, Тито верувал дека колку и да се мали, секоја земја и народ имаат свои црвени линии.

Случај број 1:

Август 1946 година. Тито почнува да го склопува суверенитетот на новоослободената земја, а Американците решаваат малку да ја тестираат таа волја. Пуштаат еден свој авион да прелета преку воздушниот простор на Југославија, чисто за да покажат дека им се може. Југословенската авијација го принудува авионот да слета во нива близу Љубљана. Американците пуштаат втор авион. Тој авион Тито им го соборува. Да, соборува. Не постојат информации дека летале третпат.

Случај број 2:

Февруари 1950 година  Американците го предупредуваат Тито дека ако помисли на признавање на Хо Ши Мин и владата на Северен Виетнам, тие тоа не само што ќе го сметаат тоа како провокација, туку и ќе размислат дали ќе продолжат да праќаат помош и да ја поддржуваат југословенската независност.

„Тито реагира гневно на она што го оценува како американски обид да биде контролиран. Не само што го признава режимот на Хо Ши Мин, туку и потврдува дека неговата земја не планира да се приклучи на ниеден блок, ниту пак ќе дозволи мешање во нејзините внатрешни работи. 'Југословенската надворешна политика е неодвоива oд социјалистичките принципи', порачува Тито. Неговиот народ попрво гол ќе оди отколку што ќе прави отстапки заради нечие милосрдие. За време на спорот со Коминтерната, тој ќе потсети: „Ние на Истокот не му се свиткавме... зошто мислите дека ќе му се свиткаме на Западот?“

Од книгата:

„Keeping Tito Afloat: The United States, Yugoslavia, and the Cold War, 1945-1960“
By Lorraine M. Lees

6 март 2019 - 09:58