Видео

Тек после новата тура пива што ли ќе може да направи. Ќе му влезе на Матриксот и ќе го имплодира. Повеќе

Се вика Хајдроу и е скапо, во класа некаде на премиум статични велосипеди (Пелотон и сл.). Скапо = 2.400 долари само машината. Ако уште ви е тука паметот, Хајдроу излегува во мај.

На концерт на Пол Макартни во Чиле, се појавува - Фреди Меркјури! Гладничок, ама знае тој со публика.

Викаат дека на Црногорците омилено животно им е змијата бидејќи „ем лежи, ем оди“. Оваа ќе да е наша, македонска, пошто „ем лежи ем врз себе гази“.

Како на некои луѓе им изгледаше тој фамозен дуел Заев - Мицковски кој помпезно беше најавуван како дуел на деценијата (каква деценија, таков дуел, јеби га). Бонус: неколку Хичкоковски камео појавувања на Боки 13.

Лимонадата од 90-ти со Вил Смит, Принцот од Бел-Ер, преадаптирана во мрачна драма како денешниве. Исто сценарио, исти ликови, само без музиката и траката за смеење.

Доделувањето на Оскарот за монтажа монтиран во истиот стил како и филмот што ја доби годинешната награда. Авторот на клипов објаснува: „Бидејќи сфатив дека Оскарите не се доволно добро монтирани, сето она што го научив за филмска монтажа од годинешниот добитник на Оскар во оваа категорија, Боемска рапсодија, го земав и го употребив за подобрување на овој говор.“

Не разбираме, ама може да претпоставиме дека младичов им кажува на надележните каде да си ја бутнат диетата. А може друго да е.

Не туѓи, внуци, посвоени или како френдови на социјални мрежи, туку лично родени 19. Затоа што вие сигурно не знаете, а не ни познавате некој што знае, да ја чуеме Свитлана Ковалевич, мајката на овие 19. Бонус, селото (Глијне, Украина) има над 100 семејства со повеќе од 7 деца, а вкупно селото брои 3.000 деца.

Разговор со Небојша Ромчевиќ, српски драматург, сценарист и театролог. За вистината, хуморот, незадоволството, читањето, театарот... Смирено, умно и педантно расчистување на купиштата во кои секојдневно се фаќаме себе си затрупани.

На Јутјуб има еден канал кој копа бисери од 2005-2010, период кој многумина го сметаат за златното доба на оваа платформа, пред работите да почнат да се монетизираат и заглупуваат. Само прелетавме преку сето тоа и задоволни сме што сме и вакви, со оглед на тоа што сè имаме преживеано.

Подобро е дете да се качи на кров отколку да го мине детството под покрив, поентира архитектот Такахару Тезука порачувајќи дека на денешните деца им е потребна мала доза опасност, за да научат да живеат во овој свет. На ТЕД објаснува како дошол до дизајнот на бучната, растрчана и разскокана градинка која на децата им нуди една маргинализирана опција - да бидат деца.

По нивниот пораз во битката за Багуз, прогласен е крај на калифатот и се случува досега најмасовното предавање на ИСИС, нивните борци и логистика. Само да ја видите таа колона.

Луѓево се дојдени на натпревар во мавање шамари, Василиј Камотскиј (ќе познаете кој е) е дојден на натпревар од отшрафување глави. Првенството е дел од „Siberian Power Show 2019,“ а пријавените се натпреваруваат за награда од околу 450-60 долари.

Сигурно и вам ви се случило автобус да ве зезне баш кога многу ви треба. Ама глупо е за тоа на овој да му раскажувате.

Да, Руанда е онаа земја во која, како да беше вчера, се случи оној незапамтен масакр на релација Хуту - Тутси во однос на кој и грозотиите на Босна изгледаат благо. 25 години подоцна, Руанда станува африкански Сингапур. Само два податока: имаат двојно помала стапка на убиства од САД и имаат помала корупција од Италија. Бонус, чисто им е. Како им е чисто? Секоја последна сабота во месецот, сите возрасни имаат обврска да собираат ѓубре.

Не е нешто страшно фејк, ама не е од васаби, туку најверојатно го прават од рен. Ако не ви смета, продолжете.

Што двајца другари би го прашале Господ кога би го виделе? Супер епизода на Звогањ, ако треба бонус тизер за да го ѕирнете, ете, се спомнува и Тоше Проески.

Ич да не ви биде глупо, никој не е стигнат до овие лекции, а некои не изгледаат ни како некогаш да ќе ги пројдеме.

Истори (Eastory) e Јутјуб канал на анонимен дечко од Естонија на тема историја, и тоа главно периодот околу Втората светска војна и нешто ситно од други периоди главно околу естонска историја. Меѓудругото, има и една одлична серија околу Источниот фронт и неговиот развој од 1941 до 1944.

Мајкл Шеленбергер е човек кого магазинот Тајм го има прогласено за „Херој на околината“. Во поглед на обновливите енергии, тој од верник станува скептик, затоа што земаат премногу простор. Простор на кој некој, сепак живее. Прашајте ги желките во пустините на Калифорнија или птиците кои живеат во близина на ветерници. Шеленбергер сега е за нуклеарна енергија. И ние би биле за, кога би се гарантирало дека во нуклеарките нема да заврши некој Хомер Симпсон.