Самсунг, ако не ти експлодира ќе ти расипе врска

Иако се уште не е потврдено од компанијата, повеќе американски медиуми објавуваат случаи на Самсунг смартфони кои почнале сами од себе да испраќаат рандом слики од вашиот телефон на рандом контакти што ги имате.

Еден од корисниците што се пожалил изјавил дека сите фотографии од неговиот телефон сами се испратиле до девојка му, и сето тоа се случувало преку дифолтната апликација за пораки Самсунг месиџес. Според извештаите во апликацијата воопшто не се ни појавува дека фајловите биле испратени, и најголем дел од корисниците дознаваат за тоа дури по реакцијата на човекот до кој стигнале пораките.

Од Самсунг само изјавиле дека се „свесни за ваквите извештаи“ и дека техничките тимови „го разгледуваат проблемот.“ Од Верџ наведуваат постови на неколку форуми според кои проблематични се само Галакси С9 и С9+, ама не е сигурно дека се само тие.

Дел од шпекулациите се дека проблемот може да е до апдејтот на системот за РЦС пораките (Rich Communication Service) од страна на телеком операторите. Оваа верзија се објаснува со фактот дека сите телефони што пријавиле уред биле на Т-Мобиле, кој минатата недела направи апдејт на РЦС, стандардот кој треба СМС пораките да ги направи повеќе да наликуваат на модерна апликација за пораки.

Контактирани околу целата работа, од Т-Мобиле порачале „да го прашате Самсунг, ова не е проблем од Т-Мобиле.“

3 јули 2018 - 10:22