Првата вистинска алтернатива на Ајфон и Андроид?

Прво не е Виндоус 8, второ доаѓа од Финска ама не е ништо што направила Нокиа, трето се вика Јолла.

Луѓето што имале шанси да зборуваат со вработените на Јолла, објаснуваат дека компанијата најмногу потсетува на Епл, ама не денешниот Епл кој е 500 милијарди долари вреден синџир на продавници со оддел за дизајн, туку Епл од времето кога Џобс беше фокусиран на создавањето на Мекинтош.

Главен производ на финскиот стартап е Сабјарка (Sailfish), мобилен оперативен систем кој треба да стане легитимна замена на iOS и Андроид, нешто на што Микрософт потроши милиијарди долари и сето тоа со ограничен успех.

Иако визуелно Саилфиш не изгледа многу радикално, начинот на кој што луѓето го користат е сосема поинаков од она што досега сме го навикнале.

Оперативниот систем има во предвид дека најголемиот број на луѓето ги користат своите телефони за неколку работи истовремено. Екранот на телефонот може да собере до 9 апликации кои работат во исто време и сите овие можат да бидат контролирани без воопшто да се отвораат.

Иако на прва Саилфиш наликува на Виндоус телефон, кој има "живи икони" што прикажуваат информации за најразлични апликации, единствената дополнителна функција на овие икони кај Виндоус е да ја отворат апликацијата. Кај Саилфиш корисникот преку нив може да ја контролира целата апликација.

Во Јолла се свесни дека нема да можат да ги победат Епл и Гугл во директен судир, па затоа планираат да ја започнат битката тргнувајќи од Кина.

"Кина е најдинамичниот пазар на смартфони. Има раст од 80-100 проценти од година на година," објаснува Сами Пиенимаки, одговорен за продажба во Јолла.

За да може го покаже својот оперативен систем (а со тек на време и брендирани Јолла телефони) пред доволно Кинези, компанијата потпиша партнерство со најголемиот синџир на продавници за мобилни во Кина, D.Phone. Не само што компанијата ќе ги продава Саилфиш телефоните преку своите 2.100 продавници, таа е и дел од Саилфиш алијансата, група на софтверски и хардверски компании кои ќе можат да додаваат стандарди и код на новиот оперативен систем.

Во САД мобилните оператори им плаќаат на производителите дел од цената за производство на мобилниот, за да можат да имаат ексклузивни права за негово продавање. На ваков пазар нов оперативен систем не може да успее бидејќи операторите нема да сакаат да ризикуваат. За разлика од нив во Кина, дуќаните ги купуваат телефоните и потоа по полна цена им ги продаваат на купувачите, а операторите се натпреваруваат за ексклузивност делејќи колку е можно повеќе бесплатни минути.

Ова значи дека D.Phone може да ризикува со новиот уред и да го продава без операторите да имаат право на вето. А компанијата има сериозен поттик да понуди нешто различно од другите бидејќи во спротивно со другите продавачи може да се натпреварува само со цени.

Дел од аналитичарите ги имаат редовните (издржани) тврдења дека проектот нема да успее затоа што "корисниците купуваат само телефони кои ги имаат апликациите што им требаат, а програмерите прават апликации само за оперативните системи кои имаат голем број корисници."

За други (Питер Бриер кој 16 години работеше во менаџментот на Нокиа) двата доминантни оперативни системи се како Кока-кола и Пепси, кои не дозволуваат друг да им го земе местото, меѓутоа Саилфиш би можел да биде Ред Бул на пазарот на мобилни оперативни системи.

Инаку, најголемиот дел од вработените на Јолла доаѓаат од Нокиа, поточно од одделот кој работеше на MeeGo, мобилниот оперативен систем кој Нокиа никогаш не го заживеа.

3 декември 2012 - 10:43