Многу поважната сторија околу "смртта на мп3" што беше пропуштена

Веста е дека луѓето што го одржуваат мп3 форматот објавиле дека се откажуваат од него. Ова може да биде толкувано на два начина, и беше толкувано на погрешниот.

Во соопштението на германскиот институт Фраухофер  се објавува дека тие прекинуваат со лиценцирање на мп3 форматот, и препорачуваат преминување на аац. Тоа никако не значи дека емпетројките се мртви, напротив "од 16 април 2017, мп3 технологијата е ослободена од патент во САД, откако истече патентот во сопственост на Техниколор".

"Мп3 не е ништо помалку активен сега отколку што беше минатиот месец или ќе биде следната година - само последните познати мп3 патенти едноставно истекоа.

Па иако треба да се дебатира, околу тоа дали мп3 треба уште да се користи, соопштението на Фраухофер нема ништо со тоа, и е едноставно крај на програма за лиценцирање (затоа што патентите имаат истечено) и препорака дека треба да се префрлиме на понов формат со активен патент," пишува Марко Армент.

Во слична ситуација беше и јпег форматот, кој иако е иста возраст со мп3 и е надминат по квалитет од понови формати, тој и понатаму е сеприсутен затоа што им врши работа на луѓето и е најлесен избор за користење.

Така и новиот препорачан кодек аац, иако може да даде подобар квалитет од мп3, разликата е значителна само кај нискиот битрејт. Над 128 кбпс, разликата меѓу мп3 и останатите кодеци е малку веројатно да ја забележиш. Второ, иако аац може е во ред за нова музика, никако не се исплати да се мачиш да ја замениш целата мп3 колекција што веќе ја имаш.

"Аац има многу смисла за апликации со низок или среден квалитет каде бендвитот е екстремно ограничен или скап, како телефонски разговори или сервиси за стримање музика, или како звук за видео, каде веќе и е масовно поддржан формат," пишува Армент.

Според Армент со "ослободувањето" на мп3 компјутерскиот свет добива формат кој е доволно мал за да биде практичен, масовно е поддржан и нема никакви рестрикции од патентот.

"Мп3 е поддржан од сè, и секаде, и сега е без патент. Никогаш до сега немало друг аудио формат што е толку поддржан како мп3, а е добар за речиси сè, и сега 20 години откако го освои светот, тој конечно е слободен,"  порачува Армент.

17 мај 2017 - 10:51