Како Силициумската долина го претвори смартфонот во дрога

Просечниот корисник на Ајфон го отклучува својот телефон околу 80 пати на ден, или 5 до 6 пати на час, ако земеш предвид дека го користи околу 12 часа дневно. На оваа бројка од Епл треба да се додаде со едно друго истражување според кое во текот на еден ден корисниците екранот на својот смартфон го допираат по 2617 пати.

Зад ваквата, во добар дел, несвесна посветеност кон уредот, стои и лагодноста од негово користење, како и неговата упорност во привлекувањето на нашето внимание со нотификации од најразлични апликации, кои почнуваме да ги чувствуваме како „пингање“ од светот.

Дел од луѓето кои помогнаа да се создаде ваквата зависност, денес се делумно пишман за своите успеси. Лорен Бричтер, човекот кој во 2009-та ја измислува "pull-to-refresh" опцијата (прв пат употребена во Твитер) за Гардијан објаснува:

„Смартфоните се корисни алатки, меѓутоа создаваат зависност. ’Повлечи да освежиш’ создава зависност. Твитер создава зависност. Ова не се добри работи. Кога работев на нив, тоа не беа работи за кои бев доволно зрел да размислувам.“

Човекот што го измислува „лајк“ копчето на Фејсбук, Џастин Розентајн, жали за последиците на она што го опишува како „ѕвона на псевдо-задоволствата.

Жил Демарти архитект на корисничко искуство од швајцарската агенција :ратио за својата работа објаснува:

„Мојата професија е единствена - заедно со продавањето дрога - во која зборуваме за ’корисници’.

Може малку ќе го претерам, ама ние продаваме зависност. Има сличности со дроги. Ние создаваме производ кој го задоволува она што му е потребно на корисникот. И ако сме добри во нашата работа, корисникот пак ќе се врати... очигледно. Ние создаваме кругови, брзо и лесно за користење, како повлечи да освежиш функцијата.

Целта е корисникот да добие мало но инстантно задоволство, на пример со нова содржина која му се појавува.

Техниките не се нешто посебно нови, ама стануваат се повеќе и повеќе ефикасни.“

На слично мислење околу создавањето зависност е и Николас Нова, социологот од ХЕАД во Женева, кој ова го споредува со апаратите за коцкање:

„Играш пред светол егран, не знаеш што ќе ти се падне ама се надеваш дека нешто ќе се случи, и понекогаш добиваш дигитална награда. Целта е интеракцијата да биде што е можно поинтензивна со корисникот. Програмерите на апликации од Силициумската долина напредуваат во ова поле, меѓутоа овие техники брзо се преземаат од сите во светот.“

Шон Паркер, еден од ко-основачите на Фејсбук кој во последно време има крајно покајнички однос кон својот производ, тврди дека секој потег е „паметно калкулиран“, а сите ресурси одат на одговарање на прашањето „како можеме да потрошиме што е можно повеќе од твоето време и од твоето внимание?“ Краткиот одговор на ова е искористување на системот за награда во човековиот мозок:

„Треба од време на време да ти пуштаме мали дози допамин, преку тоа што некој ти ја лајкнал или коментирал на сликата или статусот или што и да е. И тоа ќе те натера да објавиш уште содржина, што ќе ти донесе уште лајкови и коментари.“

22 јануари 2018 - 17:51