Да се запознаеме со бродот кој ќе нè носи на Марс

Елон Маск планира наскоро да лансира протопип на леталото кое ќе биде радикален исчекор во вселенските патувања. Се вика Старшип и се работи за транспортен систем за повеќе употреби кој ќе може да носи 100 луѓе на Марс. Таму се за девет месеци.

Мисија на компанијата СпејсИкс на Маск е да го направи животот мултипланетарен. најмногу заради егзистенцијална закана, некој неочекуван и неизбежен настан да му стави крај на животот на оваа планета, на пример да нè запука астероид и да угаси светло на Земјата.

Идејата е „да не се чуваат сите јајца во една кошница“ и човештвото да има алтернативни домови за продолжување на видот.

„Историјата ќе се разграни во еден од два можни два правца. Еден е да решиме да останеме овде засекогаш и да се надеваме дека ништо погубно нема да се случи. Вториот, кој по мене е исправен, е да станеме мултипланетарен вид и цивилизација,“ рече Маск на една конференција во Мексико во 2016 година.

Тој честопати има говорено за својот сон да гради градови на Марс. За да бидат самоодржливи, на тие населени места ќе им требаат голем број луѓе. А за да пробаме да живееме на некое друго место, прво треба да стигнеме таму.

Неговиот систем е дизајниран да биде повеќекратно користен, што значи дека главните хардверски елементи не се фрлаат во морето или се оставаат да изгорат, како што е случај кај други системи за лансирање, туку функционални се враќаат назад за после една рака гланцање, подмачкување и штогод, да бидат подготвени за нова тура. Тоа многу ги намалува трошоците на целата операција.

Ракетниот дел од системот се вика Супер Хеви, додека леталото е Старшип. Комбинирано, се работи за 120 метри долго летало со конусен нос и изглед како од златната ера на научната фантастика.

Самото летало е долго 50 метри и близу носот ќе бидат сместени 40-тина кабини за луѓето кои ќе се дадат на деветмесечното патување до Црвената планета.

Некаде на средината се резервоарите со течен метан (CH4) и течен кислород (O2) за шест Раптор мотори кои се наоѓаат на крајот на Ѕвездениот брод. Маск се надева дека CH4 ќе може да биде синтетизиран од подземните води на Марс и од атмосферскиот јаглерод диоксид, преку процесот познат како Сабатиерова реакција.

70 метри долгата ракета ќе биде наполнета со 3,400 тони криогенски изладен металокс (мешавина од метан и кислород) а се потпира на 28 раптор мотори во чиј развој беа посветени 10 години.

Откако ќе се одвои од лансирната рампа и ќе дојде во предвидената орбита, горниот дел се одвојува а ракетата се врти надолу и почнува да се враќа на Земјата, забавувајќи го падот со челични перки. Претходно беше планирано да слета на 6 челични нозе но последно е дека Маск планира слетувањето да биде изведено со фаќање од некаква „рака“ од лансирната рампа. Детали за ова фаќање не се објавени.

Во меѓувреме, патничкиот брод се мести во „паркинг орбита“ за да биде наполнет со гориво од друго летало кое веќе врти околу Земјата и служи како депо за дополнително гориво. Двете летала ќе се спарат со задните делови и ќе биде обавен трансферот на гориво по што започнува патешествието од 154 милиони километри.

Слетувањето има поинаков пристап од очекуваното користење падобрани. Планирано е да се влезе во атмосферата под агол од 60 степени и тоа на стомак, хоризонтално. Таа поза ќе ја намали брзината но проблематично е што таа го прави бродот доста нестабилен. Со по четири челични перки напред и назад ќе се стабилизира летот за во крајната фаза со раптор моторите да се постави бродот во вертикална позиција и да слета меко.

„Ова е комплетно различно од било што друго. Ние всушност правиме контроилиран пад,“ објасни Маск.

Последниве неколку години, СпејсИкс тестираа различни прототипови на летала во нивниот космодром во Бока Чика во Тексас. Започнаа со 39 метарскиот Стархопер, кој изгледаше незграпно како силос но го летаа 150 метри над земја. 

Последниот декември го лансираа осмиот Старшип, прв со конусен нос и перки. Откако постигна висина од 12,5 километри, се врати назад носејќи корисни инженерски податоци за финалниот дел од враќањето на Ѕвездениот брод од вселената. Се работеше речиси за перфектен лет, освен самото слетување кое беше пребрзо па се испокрши и експлодира.

Маск се надева дека првиот Старшип, без луѓе,  ќе тргне кон Марс во 2024 година.

14 јануари 2021 - 14:11