Зошто сиромашните не се креваат на бунт?

Еден од одговорите на Томас Едсал во колумната за Њујорк Тајмс е дека иако приходите на најсиромашните се паднати, во исто време поевтинуваат и голем број производи - мобилни, клима, телевизори, компјутери... Ама не е до тоа.

"Општеството е драстично променето од врвот на плимата во 30-те и 60-те кога колективните движења ја освојуваат фантазијата на масите. Сега постои непопустлив притисок врз индивидуалците сами да делуваат. Има многу малку општествена поддршка за класни протести - она што некогаш беше нарекувано солидарност," објаснува професорот по новинарство на Универзитетот Колумбија, Томас Едсал.

Едсал пренесува неколку ставови за индивидуализацијата која спроед него е "меч со две острици. Во замена за слободите и правата, корисникот се согласува, ако не е принуден, и да превзема нови ризици и одговорности."

Тој го цитира социологот од Берлин Фри Универзитетот, Николај Генов, според кој подемот на индивидуалецот има своја цена:

"Ставање на посебен акцент на проширувањето на правата и слободите на индивидуалците со запоставување на пропратниот подем на индивидуалните одговорности ќе доведе до општествени последици. Тие ја поткопуваат солидарноста како лепак на општествениот живот."

Потоа ја наведува книгата на Улрих Бек од 2002-ра, Индивидуализација, во која се објаснува дека оние кои во минатото своите соработници ги гледале како колеги и сојузници сега истите ги гледаат како најголема конкуренција, што резултира со "изолација на индивидуалците во рамките на хомогени социјални групи."

Во 2007-ма, Бек тврди дека во новиот општествен поредок полека почнуваат да исчезнуваат традиционалните класи, и на нивно место доаѓа алтернативна општествена хиерархија со споредливи нееднаквости:

"Ризикот и општествената нееднаквост - ризикот и моќта - се две страни на иста паричка. Ризикот претпоставува одлука, а со тоа и носач на одлуки, и создава радикална асиметрија меѓу оние кои превземаат, го дефинираат и профитираат од ризикот, и оние кои им се ним доделени, и кои треба да страдаат од 'непредвидените нуспојави' од одлуките на другите, можеби дури и да платат за нив со своите животи, без никаква шанса да бидат инволвирани во процесот на носење одлуки."

Самиот Едсал објаснува дека за општеството да им помогне на сиромашните потребно е да постои заедничко верување дека државата има обврска да го обезбеди добробитот на граѓанството. Меѓутоа ова не успева бидејќи ова верувањето е поткопано од префрлањето на обврските од државата врз поединецот. Последица на ова е што колективната акција е заменета со поинаков вид на револт, специфични движења поврзани со индивидуалноста - "феминистичкото движење, ЛГБТ движење, движењето за правата на хендикепираните и од скоро движење за прифаќање на дебелите," - од кои помалку ситуираните немаат никаква корист.

"Наместо тоа грижата за нееднаквостите и неправдите во дистрибуцијата на богатството е засенета од процедуралните прашања и неправди поврзани со правата и придружни прашања околу инклузија и ексклузија, и репутациските проблеми на групата," пишува професорот по социологија од Универзитетот Калифорнија, Дејвид А. Сноу.

Како пример за последно големо кревање на масите, Едсал го наведува бунтот против укинувањето на нет неутралноста, кое успеа и кое во голем дел беше поддржано и од најголемите технолошки компании чиј профит зависи од отворениот интернет. За разлика од него, Окупирај го Вол Стрит движењето, и покрај целото позитивно внимание од медиумите, не успеа.

"Сето ова не' доведува до прашањето зошто има толку малку бунт против утврдените општествени и економски неправди.

Одговорот е дека оние кои го носат најголемиот товар се нерелевантни за планерите на агендата на двете партии. Тие се политички сирачиња на новиот поредок. Тие може имаат глас во урбаната политика, ама на националната сцена тие повеќе не се вклопуваат ни кај левите ни кај десните. Нив ги туркаат на маргините, освен во еден краток момент на денот на изборите кога едната партија сака нивните гласови да се бројат, а другата не сака," пишува Едсал.

26 јуни 2015 - 18:33