Ова е само почеток

За Панама документите

"Панама документи" е името на истражувачката сторија во која десетици светски медиуми една година работат на прочешлување на 2,6 терабајти податоци (пазарски пресметано 2600 гига) украдени од една од најголемите светски офшор адвокатски компании, Мосак Фонсека. Главен лик во првите извештаи за протечените документи е Владимир Путин.

Пред една година, анонимен извор го контактира Зидојче Цајтунг и им испраќа енкриптирани интерни документи од Мосак Фонсека, панамаската адвокатска компанија која продава анонимни офшор компании низ целиот свет. Овие компании им овозможуваат на нивните сопственици да го кријат протокот на своите пари, без разлика дали тоа го прават од легални или нелегални побуди. (Координаторот на проектот, International Consortium of Investigative Journalists (ICIJ), пред опцијата за пребарување на базата што ја објави на својот сајт појаснува дека тоа што некој ентитет го има на списокот на офшор компании не значи дека истиот прави нешто нелегално.)

Зидојче Цајтунг ги споделува документите со ИЦИЈ, кои претходно координираат неколку операции околу слични протекувања. На анализа на Панама документите во изминатите 12 месеци работат околу 400 новинари, од 100 медиуми од над 80 држави низ светот.

Панама документите содржат 11,5 милиони документи што е повеќе од депешите на Викиликс, Офшор ликс, Лукс ликс и неодамнешните Свис ликс, заедно. Базата на податоци е претежно составена од мејлови, пдф фајлови, фотографии и извадоци од внатрешната база на Мосак Фонсека. Во нив се покрива периодот од 1970-те до пролетта 2016, и се опфатени околу 214.000 компании.

 

Податоците што ги добива Зидојче Цајтунг ја имаат следната структура: Мосак Фонсека прави фолдер за секоја офшор компанија што ја основа, и секој фолдер содржи мејлови, договори, транскрипти и скенирани документи кои се однесуваат на таа компанија. Во одредени случи и неколку илјади страни документација. За своите услуги компанијата наплаќа 1.000 долари за отворање на офшор компанија, "меѓутоа ова е само празна фирма, за дополнителен надоместок таа обезбедува лажен директор и може да го сокрие вистинскиот сопственик на компанијата."

"Резултатот е офшор компанија чија вистинска цел и сопственичка структура не можат да се откријат од надвор. Мосак Фонсека основа, продава и менаџира илјадници вакви компании. Документите обезбедуваат детален преглед за тоа како Мосак Фонсека редовно прифаќа да учествува во бизнис активности кои потенцијално претставуваат прекршување санкции, згора на тоа што помага во избегнување даноци и перење пари," пишува во едиторијалот на Зидојче Цајтунг околу Панама документите.

Во документите има 72 актуелни или поранешни лидери на држави, меѓу кои е и Владимир Путин. Иако рускиот претседател никаде не се споменува по име, во документите се две офшор компании во сопственост на еден од најблиските пријатели на Путин, челистот Сергеј Ролдугин (кум на првата ќерка на Путин), кои се користат за перење пари. Во документите има и уште неколку блиски соработници на Путин.

Меѓу лидерите што се имаат појавено во досегашната анализа на документите се Мубарак, Гадафи, Асад, Наваз Шариф, и исландскиот премиер Гунлаугсон. На списоците се и членовите на комитетот за етика на ФИФА, кои требаа да ја расчистат поврзаноста на ФИФА со офшор компании.

Фајловите што беа објавени во неделата се само прв дел од податоците во Панама документите.

4 април 2016 - 10:34