Пусто турско и прво каурско

За да може да те гаси, Европа прво ќе те запали

Европјаните ги предизвикаа конфликтите на Ориентот под изговор дека спречуваат вековни конфликти. Колонизацијата беше извршена во име на самоопределувањето на народите. Никој од тие народи кои требаше да се самоопределат, не беше застапен на конференциите на кои се делеа териториите. 

Ориентот, нам познат како Османлиско Царство, е последниот регион колонизиран од страна на западна Европа. За разлика од дотогаш последниот нивен колонијален упад (грозоморностите на белгискиот крал Леополд во Конго, види во „Кога ќе убиеш десет милиони Африканци, не те викаат „Хитлер“), во овој случај се служеа со еуфезмизми: Франција и Британија си нацртаа нови држави од територијата на Османлиското царство ( Либан, Сирија и сл), провизорно независни а под будно туторство на Европа.

„Поучени од британското 'индиректно' управување во Африка, победничките сили изградија убава фасада за затскривање на колонијалната рака. Овој доцен колонијализам беше синхронизиран со идеите на американскиот претседател Вудро Вилсон кој се смета за татко на идејата за самоопределување на народите,“ пишува во својата темелна анализа Усама Макдиси, професор на Рајс и Беркли.

Според него, токму западниот колонијализам воден во име на слободата и религиозните права  ја има дисторзирано природата на целиот регион. Создавајќи мали и зависни држави и емирати од телото на распаднатото Османлиско царство, таквиот колонијализам успева да создаде и нов, сè уште неразрешен конфликт, оној меѓу Евреите и Арапите. А тоа го прави токму кога на повидок е создавање нов арапски идентитет кој е инклузивен и кој ги вклучува и муслиманските и христијанските и еврејските арапи.

Во 19-от век, отоманските султани сериозно ја редизајнираат империјата како екуменски султанат кој ја почитува еднаквоста на поданиците без разлика на нивната верска припадност. Муслиманите, христијаните и евреите го прифаќаат црвениот фес како симбол на тоа модерно отоманство. Во таканаречената танзимат ера која почнува во 1839, официјално се промовира политика на недискриминација, реформа која се крунисува со првата уставна ера во 1876 година.

Колку и Османлиите да го секуларизираат нивното царство, Европа никогаш не е задоволна и од нив постојано бара нови остапки. Секој од големите европски играчи (Британија, Франција, Австрија и Русиа) тоа го прави во име на заштита на некоја христијанска заедница на територијата на империјата. Чисто заради контекст: на Османлиите им инсистираат на поголеми верски и политички права на малцинствата додека во Америка уште се истовараат бродови со робови од Африка. 

Таканареченото „источно прашање“ ја политизира иднината на не-муслиманските заедници а европската загриженост главно е само претекст за политичка и воена агресија врз Отоманското. царство.

„Појавата на етно-религиозните национализми на Балканот станува поголем проблем кога грчките, српските, македонските и бугарските националисти, за своите каузи почнуваат да  бараат помош од Британија, Австрија или Русија. На тоа мешетарење на Европа, османлиските лидери возвраќаат со ретерирање од екуменските идеи - муслиманите повторно се прогласуваат за јадро на империјата. Кога по пример на балканските револуционери и Ерменците барааат европска помош, отоманската држава возвраќа брутално.“, пишува Макдиси.

Победниците од Првата светска војна решаваат да го игнорираат екуменското наследство на Отоманската империја и наместо тоа, ги сензационализираат неговите дефекти, со очигледна намера да ја распарчат. Вудро Вилсон во 1919 година дава благослов за тоа. Грчката инвазија на Измир започнува крвава војна која завршува со победа на новата Турција, под водство на солунчанецот Мустафа Кемал Ататурк. Конфликтот завршува со договор за размена на население. Стотици илјади муслимани од Грција одат во Турција, преку милион Грци доаѓаат од новата Турција, се населуваат во северна Грција и други делови и нивните потомци денес се меѓу најгласните во „болката за Македонија“.

„Колонијална Европа тврдеше дека само посредува во вековните разлики и конфликти на Истокот. Во реалноста, таа ги охрабруваше секташките политики. Последиците од овој последен колонијализам се чувствуваат и денес,“ пишува професорот од Беркли.

20 октомври 2019 - 13:03