Војната во Украина станува комплицирана, а Америка не е спремна

Сенатот го изгласа итниот пакет за помош на Украина од 40 милијарди долари, меѓутоа отпорот што го дадоа некои републиканци покажува дека војната ја изгуби гарантираната меѓупартиска поддршка, пишува уредништвото на Њујорк тајмс.

Предупредувањето од директорката на американското национално разузнавање е дека следните неколку месеци може да бидат проблематични и дека војната во Украина може да добие „понепредвидлива и потенцијално ескалирачка траекторија“. Што е ескалација на сегашната војна? Веројатноста Русија да употреби нуклеарно оружје.

„Ова се вонредни проблеми и сериозна опасност, а има и голем број прашања што претседателот Бајден допрва треба да ги одговори пред американската јавност во однос на континуираната вмешаност на САД во овој конфликт,“ стои во едиторијалот на Тајмс.

Уредништвото потсетува дека во март годинава тие лично повикале пораката на САД до Украинците и Русите да биде дека „без разлика колку време ќе треба, Украина ќе биде слободна“, и дека земјата ја заслужува целата поддршка во војната против Русија и дека САД треба да го предводи НАТО против Русија.

Тие уште сметаат дека од оваа цел не смее да се менува „ама на крајот од денот, и понатаму не е во интерес на Америка да влезе во директна војна со Русија, дури и ако преговараниот мир бара од Украина да донесе некои тешки одлуки.“

„А и целите и стратегијата на САД во оваа војна станаа потешки за распознавање, како што параметрите на мисијата се изменија.

Дали САД, на пример, се обидуваат да помогнат во ставање на крај на конфликтот, преку спогодба која ќе овозможи суверена Украина и некој вид на односи меѓу САД и Русија? Или САД сега се обидуваат трајно да ја ослабат Русија? Дали целта на администрацијата се префрли кон дестабилизирање на Путин и негово отстранување? Дали САД планираат да бараат одговорност за Путин како воен криминалец? Или целта е да се избегне поширока војна - и ако е тоа, тогаш како фалењето за давање на американски разузнавачки информации за убивање Руси и потопување на еден од нивните бродови помага во постигнување на ова?

Без јасност околу овие прашања, Белата куќа не само што ризикува да ја изгуби заинтересираноста на Американците за поддршка на Украинците, туку и го загрозува долгорочниот мир и безбедност на европскиот континент,“ пишува уредништвото на Тајмс.

Заинтересираноста на Американците околу војната, е сериозно загрозена и од локалните проблеми, поточно инфлацијата, вклучително и растечките цени на храната и нафтата.

Не е реално и да се очекува дека Украина ќе ја врати целата територија што Русија ја има освоено од 2014 до денес, заради што ќе мора да се бара и сложено решение на проблемот, што само дополнително е искомпликувано од фактот дека моментално Украина и Русија се поодалечени меѓу себе отколку во кој било друг дел од војната. Ова е сесрдно поддржано и со изјавите на највисоките американски функционери, кои постојано ја јачаат Украина.

„На крајот, Украинците се тие што треба да ги донесат тешките одлуки: Тие се луѓето што се борат, умираат и ги губат своите домови од руската агресија, и тие мора да одлучат како ќе изгледа крајот на војната.

Ако конфликтот доведе до реални преговори, ќе биде на Украинците да донесат некои болни територијални одлуки што ќе ги бара кој било компромис.

САД и НАТО покажаа дека се волни да ја поддржат украинската војна со изобилие на оружје и други средства. И како и да заврши војната, САД и неговите сојузници мора да бидат подготвени да и помогнат на Украина одново да се изгради.

Но како што продолжува војната, Бајден исто така треба јасно да му каже на претседателот Зеленски и неговиот народ, дека има граница до која САД и НАТО ќе ја конфронтираат Русија, и граница на оружената, парична и политичка поддршка што можат да ја обезбедат.

Императив е одлуките на украинската влада да се основаат на реални процени на можностите и уште колку многу уништување Украина може да издржи.

Соочувањето со оваа реалност можеби е болно, но таа не е предавање. Ова е тоа што е должноста на владите да го направат, а не бркање на некоја илузорна ’победа’,“ се порачува во едиторијалот.

23 мај 2022 - 13:19