Украински дабл-дабл за Трамп

Украина ја прекина истрагата околу Пол Манафорт, еден од главните осомничени од Роберт Мулер за руското мешање во американските избори, откако претходно администрацијата на Трамп одлучи на земјата да и продаде оружје за нејзиниот конфликт со Русија.

Истрагата на Украина околу поранешниот менаџер на кампањата на Трамп, Пол Манафорт, се однесуваше на неговата претходна соработка со про-руски политичари во Украина и зошто поранешниот украински претседател Виктор Јанукович и исплаќал пари на компанијата на Манафорт во САД.

Пресвртот во целата работа се случува во април годинава, кога украинското СЈО добива забрана за понатамошна истрага на сите четири случаи кои го вклучуваат Манафорт. Пред ова, на другиот крај на светот, прво американскиот Стејт департман издаде дозвола за продажба на оружје на Украина, па потоа и Пентагон ја потврди истата дозвола, по што украинската војска конечно доби 210 Џавелин само-наведувачки анти-тенковски проектили и 35 системи за нивно лансирање.

Откако Украина во април објави дека го добила оружјето, претседателот Порошенко на Фејсбук постираше „долго очекуваното оружје пристигна во украинската армија“. Освен оружјето, Украина годишно добива билатерална помош од САД во износ од 600 милиони долари.

„Во Украина, каде функционерите се претпазливи да не го навредат претседателот Трамп, четирите тековни случаи кои го вклучуваа Манафорт, без замрзнати од главниот јавен обвинител на земјата.

Случаите се премногу чувствителни за Влада која сериозно зависи од САД за финансиска и воена помош, и е мошне свесна за нетрпението на Трамп кон истрагата на Дејвид Мулер,“ пишува Ендру Крамер во Њујорк тајмс.

Два месеца пред затворањето на случаите, украинскиот специјален јавен обвинител го контактираше Мулер со формална понуда за соработка и споделување докази и информации.

3 мај 2018 - 14:46