Препорака од Дутерте до нацијата:

Убијте ги тоа бескорисните бискупи

Тоа што нешто слабо добива внимание од светските медиуми, никако не значи дека Дутерте нешто ја прекинал својата пракса на делење правда и масовна елиминација на нарко-дилери (докажани или не) на сред улица. Ако некој на Филипините моментално е гласно против претседателот, тогаш тоа е Католичката црква, а на него тоа не му се бендисува многу многу.

Додека црквата во земјата е против војна против дрогите од типот што го спроведува Дутерте, претседателот порачува дека бискупите на црквата се „бескорисни будали“ и дека треба да бидат „убиени“.

„Ова бискупиве што ги имате, убијте ги. Тоа се бескорисни будали. Не прават ништо само критикуваат,“ изјавил Дутерте во говор во претседателската палата.

Тој, дел од говорот го посветува и на самата институција, порачувајќи дека неговиот Господ е поразличен од оној што католиците го обожуваат.

„Никогаш не реков дека не верувам во Господ. Реков дека вашиот Господ е глуп, а мојот е многу разумен. Тоа им го порачав на бискупите. Никогаш не реков дека сум атеист,“ подоцна изјавува Дутерте појаснувајќи една своја претходна изјава во која кажува дека Господ е „глуп“ и „курвин син“.

Меѓу 100 милионската популација на Филипините, околу 90% се идентификуваат како католици.

Од минатиот декември до сега во земјата убиени се три католички свештеници.

6 декември 2018 - 10:36