Тролови од Албанија се алибито на САД за 'рчкање со Иран

Лик по име Хешмат Алави, некаде во 2014 се појавува на Твитер и почнува отворено да шири поддршка за иранската опозиција, конкретно за МЕК. Со тек на време набива голем број следбеници, што води кон он-лајн репутација, по што следува интересот од големи американски медиуми за негови мислења. Пред една недела излезе дека Алави е екипа членови на МЕК кои од Албанија го работат профилот и создаваат содржини за него.

Пред ова да се случи неговите изјави и цели текстови беа објавувани од медиуми како Форбс, Хил, Дејл Колер, па дури и Гласот на Америка, „значително ширејќи ја агендата на Алави како аргументирана позиција за политиката околу Иран.“

Освен текстовите по медиуми, Алави е познат и по своите Твитер тиради, кои често пати се насочени кон новинари што пишуваат за Иран, посебно кон оние што не се согласуваат со неговите стаови. Па така истите тие новинари се прогласувани за „лобисти“, „агенти“ и „соработници“ на исламската република.

За МЕК е карактеристично што до 2012 се наоѓа на американскиот список на терористички организации. Иако таа денес нема некоја значителна поддршка од Иран, МЕК (Народните муџахедини на Иран) една од омилените групи на американските функционери, вклучувајќи и советници на Трамп како Руди Џулијани и Џон Болтон, од кои и двајцата имаат платени настапи за групата, а вториот е посебно амбициозен околу започнување војна со Иран.

Текстовите на Алави беа цитирани од Белата куќа и како оправдание за излегување од нуклеарниот договор со Иран, што потоа само дополнително ги напна односите меѓу двете држави.

Откритието за Алави следува две недели по извештаите дека Стејт департманот финансира иницијатива по име „Иран дезинформации“.

12 јуни 2019 - 14:21