Талибанците освоија половина Авганистан

Во изминативе 20 години и покрај тоа што целата воена сила на светот беше против нив Талибанците успеаа да ја задржат контролата на некои од најоддалечените делови од Авганистан. Како што САД и сојузниците почнаа да го напуштаат Авганистан, така Талибанците за 2 месеца освоија повеќе територија од кога и да е од почетокот на 2000-те.

Дури и додека САД со најголемите сили беа во Авганистан, Талибанците пак беа активни во добар дел од земјата со неделни и месечни напади против сојузничките сили.

Сега Талибанците веќе имаат силно присуство низ целата земјата и се приближуваат кон големи градови како Кундуз, Херат, Кандахар и Лашка Гах. Иако се во близина, Талибанците се уште не можат да освојат некој поголем урбан центар. Меѓутоа териториите што ги освојуваат им носат подобра позиција во преговорите, и плус приходи од даноци и воен плен.

Сегашната состојба на теренот Бибиси ја објаснува како „флуидна“. Владата реши да напушти дел од административните центри кои не можеше да го одбрани од Талибанците. На други места, владините сили се реорганизираа, па заедно со локалните милиции успеаа да освојат дел од загубените локации.

Владините сили главно ги држат градовите и областите што се во рамниците или во долините на реките, каде и живее најголем дел од населението. Деловите од Авганистан во кои Талибанците се најсилни имаат помалку од 50 жители на километар квадратен.

Талибанците почнаа да наплаќаат и царина на граничните премини што ги контролираат. Иако трговијата е намалена и не се знае колку се наплаќа, информацијата е дека еден граничен премин кон Иран има капацитет да генерира по 20 милиони долари месечно.

27 јули 2021 - 15:34