Спасот е на Нов Зеланд

Откако веќе имаат утврдено дека неизбежно престои колапс на глобалната цивилизација, научници прават рангирање која држава е најдобро подготвена за преживување на колапсот.

Нивниот заклучок е дека Нов Зеланд е најдоброто место за преживување на крахот, по него на списокот е Исланд, па Британија, Тасманија и Ирска. Изборот на Нов Зеланд е заради обемната геотермална и хидроелектрична енергија, изобилието на земјоделско земјиште и мала густина на населението.

Според научниците од Англиа Рускин Универзитетот, човековата цивилизација е во „опасна состојба“ која се должи на создавањето на крајно меѓусебно поврзано и енергетски-интензивно општество, и еколошката штета што ја има предизвикано.

Колапсот може да биде предизвикан од неколку фактори како сериозна финансиска криза, климатската криза, уништувањето на природата, пандемија полоша од ковид-19, или некоја комбинација од истите.

Рангирањето се прави според тоа колку една држава има капацитет да одгледува храна за својата популација, да ги заштити своите граници од непосакувана миграција, да ја одржи електричната мрежа и какви се фабричките капацитети. По дифолт најдобро рангирани се островите со умерена клима и ниска густина на популација.

Пораката на научниците е дека нивната студија ги „нагласува факторите што секоја држава мора да ги унапреди за да ја подобри својата отпорност.“

„Тие објаснуваат дека глобализирано општество кое ја цени економската ефикасност штети на отпорноста на државите, и дека е неопходно да постојат резервни капацитети кај прехраната и други витални сектори,“ се објаснува во текстот на Гардијан.

И пред да излезе студијата, милијардери веќе купуваа пост-апокалиптични бункери во Нов Зеланд, затоа што и тие предвиделе колапс на цивилизацијата и дека е најдобро настанот да се дочека на островот.

Студијата објавена во журналот Сустејнабилити објаснува дека „енергетски интензивната индустријализирана цивилизација што ја карактеризира модерната ера, претставува аномалиска ситуација кога ќе се спореди со остатокот од човековата историја“.

29 јули 2021 - 11:02