Соединети држави на полициско насилство

Во склад со новоеруптираната позитива низ САД треба да се пофали полицијата дека во случајов ниту еден полицаец не застрела ниту еден црнец, но сепак викендов се случи инцидент кој треба да се спомене во кој полициски џип прејде преку толпа луѓе како трактор преку нива.

Поголем број луѓе, сосема недозволено, решаваат да се соберат на една раскрсница во градот Такома во Вашингтон, да ја блокираат и да гледаат и прават шлајфки со колите.

Сосема нормално како за таков настан од некаде се појавува полициски џип со вклучени ротациони светла. Како што џипот се обидува да ги растера насобраните, така толпата почнува да се собира околу возилото. Во еден момент полицаецот зад воланот, стиска на гас и гази сè пред себе.

За неверување (ќе видите зошто од видеото) исходот од ова е најмалку двајца хоспитализирани, од кои едниот подоцна е пуштен дома.

Од полицијата, неофицијално, објаснуваат дека луѓето околу џипот почнале да удираат по шофершајбната и каросеријата. Во тој момент полицаецот се обидел да се врати во рикверц меѓутоа не можел. Според портпаролката на полицијата, на полицаецот му било страв дека толпата ќе го скрши стаклото, заради што и така изреагирал.

25 јануари 2021 - 10:43