Сите обиди за поделба на Кина ќе завршат со здробени коски

Пораката најмногу е посветена на демонстрантите во Хонгконг (плус, сите надвор од градот кои имаат некакви несразмерни очекувања од протестите), а и оние кои почнаа да мешетарат со правата на муслиманите во земјата, и доаѓа од највисоката позиција во Кина, претседателот Ши Џинпинг.

„Секој што ќе се обиде да ја растури Кина, во кој било дел од државата, ќе заврши со столчени тела и здробени коски,“ изјавил Џинпинг за време на средбата со непалскиот премиер.

Процената е дека Џинпинг намерно ја искористил меѓународната средба за изјавата, за пораката јасно да биде испратена до САД. Пекинг сето ова време ги обвинува САД и ЕУ дека им даваат поддршка на демонстрантите во Хонгконг.

Ова е прва посета на кинески претседател на Непал последниве 22 години, а непалскиот премиер ветил дека ќе се спротивстави на какви било „анти-кинески активности“ на нивна почва.

Вонредно вознемирената сезона што ја имаат кинеските власти се должи на протестите во Хонгконг кои веќе со месеци на застануваат, ниту пак издишуваат. Од почетните прошетки низ Хонгконг, протестите моментално се во фаза гумени куршуми, солзавец, водени топови и масовно апсење на демонстранти.

Од друга страна, американските медиуми се повеќе го актуелизираат прашањето на Ујгурите, муслиманското малцинство во земјата и како кинеските власти ги третираат истите. Според бројки од ујгурски активисти, моментално има над 1 милион припадници од ова малцинство сместени центри за ре-едукација и тренинг.

14 октомври 2019 - 10:21