Си-ен-ен почна да споменува бркање на Турција од НАТО

Свесни дека разбирачка со Ердоган околу Шведска и Финска нема да има, Си-ен-ен почна да нафрлува топки од типот исклучување на Турција од НАТО или нејзино игнорирање.

„И НАТО едноставно треба да го отвори патот за прием на Шведска и Финска.

Што е најлошото што Турција може да го направи - ќе тужи? Ќе се повлече?

И онака сериозно се размислува за исклучување на Турција од НАТО - посебно откако Ердоган ги купи руските С-400 одбранбени системи од Русија,“ пишува Дејвид Анделман во текстот за Си-ен-ен.

За Анделман приемот на двете скандинавски држави и пречките што ги претставува Турција во организацијата се поважни од тоа што Турција ја има втората по големина активна армија во НАТО после САД. И тоа што истата оваа армија управува со Босфорот и влезот во Црното море.

Зборувајќи за правото на вето или едногласноста, Анделман порачува дека Путин со години преку свои пиони ја злоупотребува задолжителната едногласност во одлуките на ЕУ, исто како што тоа го прави Сталин кога успева да обезбеди право на вето во Советот за безбедност на О.Н. во замена за советското учество во организацијата.

„Во случајот со ЕУ и НАТО, а да не го споменуваме Советот за безбедност на О.Н. ова право е вон секоја контрола.

Сега е време за демократиите да стиснат заби и да прогласат дека е доста, и дека правдата мора да победи. На крај, сите ќе излеземе посилни заради тоа,“ пишува Анделман.

Турција има цела листа на барања што треба да се исполнат за да ја повлече блокадата на приемот на Шведска и Финска во НАТО. На кратко:

- Двете држави јавно да ја осудат Курдската работничка партија и нивните соработници, да ја прогласат за терористичка организација и да почнат поактивна борба против симпатизерите на партијата на нивна територија.

- Двете држави да го прекинат ембаргото за извоз на оружје во Турција, воведено по турскиот упад во Сирија во 2019 како дел од борбата против Курдите. Тука Анкара повеќе брка симболика, бидејќи воената соработка меѓу двете држави е речиси на нула.

- Враќање на Турција во програмата за Ф-35 воениот авион.

- Укинување на американските санкции против Турција заради купувањето на С-400, и исполнување на нарачките за десетици Ф-16.

18 мај 2022 - 09:57