Шведска има многу нешведска година

Минатиот месец во една ноќ во Стокхолм имаше 3 експлозии на бомби. Просекот на експлозии во градот е од Втората светска војна до пред некое време е - ниедна.

Пред 2017 шведската полиција нема ни категорија за овој вид прекршоци, за 2018 да ја заврши со 162 експлозии, а само во изминатите 2 месеца анти-бомбашкиот одред е повикан 30 пати да интервенира.

Нападите се вршат со импровизирани експлозиви или рачни гранати од страна на криминални банди, а со цел да се заплашат ривалски групи, нивни блиски пријатели или семејството.

Утехата од шведската полиција моментално е - немајте гајле, најверојатно вие не сте метата.

Во исто време тамошните криминолози објаснуваат дека единствен приближен случај на бомбашко насилство во светот има во Мексико, каде со години трае војната меѓу нарко-картелите и нарко-картелите и властите.

За сега не е јасна причината зошто бандите одлучиле да додадат експлозиви во својот арсенал. Стандардно, до сега, кулминација на непријателствата беа убиства со огнено оружје.

Претерано трудејќи се да не кажат дека бандите се составени од сиромашни мигранти, со објаснување дека полицијата не го регистрира, ниту објавува, етничкото потекло на осомничените и осудените, описот е:

„Тоа се луѓе кои израснале во Шведска, и се од социо-економски слаби групи, социо-економски слаби области и веројатно втора или трета генерација мигранти.“

Ова со мигрантите е проблематична тема во Шведска откако земјата во бегалската криза во 2015 вдоми најмногу бегалци по глава на жител во ЕУ.

Бомбашките напади се посебно проблематични за шведските медиуми, кои не така редовно пренесуваат за нив. Државната телевизија СВТ беше обвинета за прикривање на вестите откако информацијата за трите бомбашки напади во Стокхолм беше изоставена од главните вести.

13 ноември 2019 - 13:03