Сега Путин го кани Трамп во Москва

Откако Трамп преку Советникот за национална безбедност, Џон Болтон, пушти абер дека сака Путин да му дојде на гости во Белата куќа, реакцијата на рускиот претседател беше - ништо. Цели пет дена ниту ја прифати, ниту ја одби поканата.

Откако по пет дена молчење советниците на рускиот претседател спомнаа дека двајцата би требало да се сретнат за време на самитот на Г20 во ноември во Аргентина, Џон Болтон инстантно ја повлече поканата наведувајќи дека Трамп не ни сака Путин да дојде во Вашингтон барем додека не се заврши истрагата на Милер за руското мешање во изборите.

По сето ова нечкање, Путин за време на средбата на земјите во развој во Јоханесбург, порача дека иако стварно сака да го посети Вашингтон за да се сретне со Трамп, нели би било поедноставно Трамп да ја посети Москва.

Експертите се едногласни околу тоа дека Путин со поканата го „трола“ Трамп, и дополнително тоа го сметаат за „уште еден обид на Путин за наметнување,“ и како значителна поволност за Путин кој така ќе ја има предноста на домашен терен.

Трамп за сега не ја одби поканата од Путин, и според портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, тој со задоволство очекува следната година да го пречека Путин во Вашингтон, и е отворен за посетување на Москва откако ќе добие формална покана.

30 јули 2018 - 13:43