Вест која нас не нè тангира:

Се комплицира работата со вакцините

Калифорнија предупредува на можни алергиски реакции од вакцината на Модерна, а во Норвешка не се сигурни од што им умираат вакцинирани стари лица. 

Најмалку два округа во калифорниската Беј ареа добиле вакцини од пратката на Модерна за која водечкиот државен епидемиолог предупреди и препорача одложување на нејзината употреба поради загриженост од можни алергиски компликации.

Ковид центарот на Сан Франциско соопшти дека примиле 8.000 дози од оваа вакцина и тие веќе биле дистрибуирани во две болници во кои се вакцинираат типови како Закерберг. Кај нив не биле пријавени компликации но престанале да ги користат како мерка на претпазливост после она што се случи во Сан Диего.

А во Сан Диего, во рок од 24 часа, нешто помалку од десет луѓе пријавиле компликации и побарале медицинска помош откако биле вакцинирани.

„Од една пратка од вакцините на Модерна добивме поголем од вообичаениот број реакции за можни алергиски реакции“, обелодени главниот државен епидемиолог, доктор Ерика Пан објаснувајќи дека нејзините препораки не се темелат на утврдени докази туку на една потреба за исклучителна претпазливост.

Дијана Каницо е една од луѓето кои за локалните медиуми посведочиле дека се соочиле со несакани нус-појави. Таа самата е медицински работник и почувствувала болки во вратот и отрпнатост на јазикот бргу штом била вакцинира. Сепак, вели дека не сака нејзиното искуство да го обликува општиот став кон вакцините.

Анафилаксата (екстремна алергиска реакција, слична на онаа од убод на оса или од специфична хипер-алергенска храна) треба да е екстремно ретка појава со вакцините против ковид-19 и вообичаено е да се појави кај еден од 100.000 случаи.

Од другата страна на светот, Ал Џезеира јавува дека во Норвешка, неколку стари и болешливи лица починале откако примиле вакцина, но надлежните велат дека таквиот епилог не мора да значи дека е од вакцините.

Норвешка засега не планира да го смени односот кон Фајзеровата вакцина која таму се користи но потсети дека медицинските лица, пред некому да му дадат вакцина, треба добро да ја проценат општата здравствена состојба на секој човек поединечно.

За шест дена биле пријавени 23 смртни случаи кои се поврзуваат со вакцината, но здравствените власти потсетуваат дека во земјата вообичаено умираат по 45 луѓе на ден, така што ова не може автоматски да биде аларм за вонредна проценка на стратегијата.

Бионтек претходно соопшти дека норвешките здравствени инстанци ги промениле препораките во врска со вакцинирање на терминално болни луѓе но подоцна го повлекоа соопштението откако Норвежаните кажаа дека тоа не е точно.

Сè на сè, Норвешка помина натпросечно дорово глобалната беља: земјата со 5,3 милиони луѓе, од ковид-19 изгуби само 521 човек.  

20 јануари 2021 - 14:32