Први меѓу безбедните

Американската амбасада во Авганистан го смета 5-минутното возење од своите канцеларии до аеродромот во Кабул како премногу ризично, заради што целиот свој персонал од точка А до точка Б го префрла со хеликоптер.

Кога Џесика Донати во 2013 пристигнува во Кабул како известувач на Вол стрит журнал, "градот меѓу тамошните странци повеќе е познат по забавите отколку по бомби." Една година претходно Обама и Карзаи одлучуваат дека земјата е стабилна и дека тамошната армија може да ја преземе контролата, а странците веќе во 2013 да почнат да ја пакуваат својата војска и да се повлекуваат од Авганистан. Веќе во 2014, првичниот впечаток на Донати изгледа сериозно застарен.

Во истиот овој Кабул кој американските политичари почнаа да го посочуваат како стандард за тоа како треба да изгледа мир во Авганистан, по само кратко олабавување на контролите и присуството на странски армии, на почетокот од 2014 Талибанците напаѓаат еден од најпопуларните ресторани. Прво бомбаш-самоубиец се разнесува на влезот (бариерите) пред ресторанот, а по него се појавува група Талибанци со Калашникови кои еден по еден егзекутираат 21 човек. Во рок од 15 минути не останува ниту еден жив во ресторанот.

Од тогаш до денес затворени се најголемиот дел од локали што ги посетуваат странци, а амбасадите и најразличните странски претставници најчесто се опколени со добро утврдени ресорти.

Иако одлуката за повлекување на американската армија од земјата беше проследена со стандардното "постигнавме тука што требаше да се постигне," "ова е стабилна земја" и слично неуверливи пораки, американската амбасада не би да ги тестира овие тврдења во пракса, па за секој случај прибегнува кон хеликоптерски превоз од амбасадата до аеродромот во главниот град.

Според Донати распадот на системот започнува кога администрацијата на Обама решава во 2012 да стави крај на своите воени напори во земјата и да почне да повлекува најголем дел од своите сили. Во овој период локалните сили не се ни приближно подготвени да ја преземат должноста, Талибанците владеат со руралните области, а ИСИС почнува да никнува на повеќе локации. Сето ова оди во корист на оние против кои беше започната војната во земјата.

Иако се уште има американско присуство на терен, и има драматична ескалација на бројот на американски воздушни напади во земјата, какви што немало од 2012, бројот на жртви меѓу авганистанските владини сили остануваат на рекордно ниво.

Донати смета дека Трамп и да испрати повеќе американски сили, тоа нема суштински да ја смени динамиката на судирот. Од друга страна, ако Трамп одлучи комплетно да се спакува и да ја напушти земјата, процените на експертите се дека владата во Кабул ќе колабира идентично брзо како и по повлекувањето на Советите во 1989.

21 август 2017 - 14:08