Портпаролот на Путин пријави 4 пати поголеми приходи од шефот

Објавувањето на аннкетните листови на руските функционери обелодени дека во 2015-та, портпаролот на рускиот претседател имал четири пати повеќе примања од својот надреден. Дмитри Пешков објасни - од тато му се.  

Портпаролот на Путин пријави дека има 544.000 долари односно 37,6 милиони рубљи. Истовремено, неговиот шеф морал годината некако да ја избутка со само 8,9 милиони рубљи

Песков објасни дека неговиот кеш е комбинација на платата и наследството што го добил откако татко му починал.

Портпаролот пријави три стана и Тојота Ленд Крузер додека Путин поседува три автомобили од руско производство, нешто земја (1.500 квадратни метри) и скромен стан (77 квадрати). 

Познавачите потсетуваат дека ваквите јавни отчети во вид на анкетни листови се безначајни со оглед на бројните начини кои на богатите и моќни Руси им стојат на располагање да ги скријат траговите на своите богатства.

Документите од Панама не открија вмешаност на Путин но на листите се најдоа неколкумина  негови пријатели. Еден од најзачудувачките случаи беше оној со Сергеј Родулгин, инаку челист но и семеен пријател на Путин кој преку оф шор фирми на Панама контролирал околу 2 милијарди долари. Истиот изјави дека парите му требале главно за да купува ретки и драгоцени музички инструменти. 

Инаку Песков ревносно ги одбиваше нападите врз Кремљ по обелоденувањето на скандалот со Панама велејќи дека аферата е производ на "путинофобија". Тој одбиваше своја лична поврзаност со офшор компании. Лична можеби да, но документите го открија името на неговата сопруга Татјана Навка, поранешна руска олимпијка во уметничко лизгање.

Портпаролот на Путин претходно беше вмешан во контроверза околу неговиот луксуз откако беше забележан дека носи часовник вреден неколку стотици илјади долари. Рече дека тоа му било подарок од сопругата. Татјана Навка за лани пријави приходи кои се десетпати поголеми од оние на Путин.