Поразот на Џон Кери и нераскажаната сторија за Украина

САД почна срамежливо да признава дека ја има преценето својата сила околу Украина, па помирувањето со реалноста е најдобрата можна политика, пишува Патрик Смит во текстот за Салун.

Според Смит баш заради ова е и соодветно што Џон Кери минатата недела се сретна на состаноци со руските лидери во Сочи, "затоа што кога треба да признаеш дека две години комплетно непотребно непријателство во билатералните односи се покажало како ништо друго освен бесцелно, најдобро е тоа да го направиш на некое далечно место."

Кери мина 3 часа со Сергеј Лавров "многу компетентниот руски министер за надворешни работи," и 4 часа со Путин, "што на мене ми изгледаат како најзначајните 7 часа што поранешниот сенатор ќе ги мине како претставник на оваа нација во странство."

"Кој нема да биде изненаден што администрацијата на Обама, која го претвори украинското прашање во најопасната пресметка од Студената војна, сега промовира срдечност, соработка и заеднички цели како срж на решението?

Прашањето не е така едноставно како што може некому да изгледа.

Од една страна, запловувањето на политичките клики во демонизација беше скандалозно недораснато, и до сега немаше знаци кои покажуваа на разум. Возрасни мажи и жени со сериозно лице ја промовираа рутината Путин-е-Хитлер. Заради што Полјаците, параноични од разбирливи причини во однос на сите прашања околу Русија, почнаа да организираат екстравагантни прикази на тинејџери во војнички вежби после часови...

...Кога и последните од овие драми завршија во средината на април, беше време да седнат луѓето што посветуваат внимание. Како што беше забележано на овој простор, ова изгледаше како ние Американците да сме подготвени да влеземе во војна со друга нуклеарна сила за да ја искорнеме Украина од нејзиното минато и да ја пресадиме во неолибералната оранжерија за држави клиенти - проколнати на слабост токму бидејќи корумпираните лидери беа наговорени со ситници да ги отсечат своите луѓе од нивната историја.

Од друга страна, не треба да си генијалец за да видиш што ќе следува. Оваа колумна уште одамна предвидуваше - само неколку недели по државниот удар култивиран од Америка, во кој беше сменет Претседателот Јанукович - дека администрацијата на Обама еден ден ќе биде присилена да се отстапи пред да се дојде до крајното решение.

Тогаш тешко беше да се замисли како кој било може да очекува каков било друг исход, а така и остана. Не можеш основни погрешни пресметки, рамнодушност кон историјата и дипломатската нечувствителност да ги претвориш во добитна рака. Можеш да ги претвориш во преискористена рака. И токму заради тоа Кери заврши во Сочи минатата недела," пишува Патрик Смит во колумната за Салун.

Пред да продолжи со Кери, тој прво потсетува на излетувањето на Хилари Клинтон која, еден месец по државниот удар против Јанукович, за постапките на Путин изјави: "ако ова звучи познато, тоа е затоа што истото Хитлер го направи во 30-те," и објаснува дека со нетрпение чека да види, ако таа биде избрана за претседателка, како ќе му се обрати на Путин.

Потоа тој објаснува список од 5 "реалности" кои го натерале Кери да го подвитка грбот:

1. Иран. Смит тврди дека според негови извори од Москва 80% од разговорите се однесувале на нуклеарната програма на Иран. Затоа што Обама и Кери имаат уште 18 месеци за да создадат каква било оставштина во дипломатијата, а до сега имаат само еден голем дипломатски успех (отворањето кон Куба) и повеќе неуспеси (на пример враќањето на диктатурата во Египет) и успеси кои би било подобро ако пропаднат.

Иран би бил историски успех за администрацијата, а токму Лавров беше клучниот човек во спојувањето и вразумувањето на Иран околу барањата на Западот, и негово враќање во преговорите. "Плус, односите меѓу Русија и (она што сега е) Иран се 250 години постари отколку оние на САД."

2. Истото важи и за Сирија. Долгогодишен пријател кој Москва го поддржува уште од 1940-те, а во 1950-те потпишува договор за не напаѓање. "Ако се има предвид колку стана евидентната американска импотентност во сириската криза, Кери уште од март го кажува она што беше неизговорливо: време е да се зборува со Асад, а нема поента да се зборува со Асад без да се зборува со Москва."

И во оваа ситуација Лавров беше човекот што ги извади Обама и Кери од сериозни политички проблеми во септември 2013-та, еден месец откако администрацијата "инстантно и непоколебливо (и погрешно, како што наскоро се покажа)" го обвини Асад за нападите со боен отров во Дамаск. Обама за малку ќе наредеше воздушни напади, да не беше Лавров да го разубеди Асад да ја предаде залихата од хемиско оружје.

3. На Украина, како и на Сирија отпаднаа 10% од состаноците на Кери во Сочи. "Јас мислев повеќе, ама според изворите во Москва ова е точната бројка. Од сите прашања што Кери ги покрена во Сочи, новиот став за Украина се сведува на капитулација како и барање за соработка."

Смит прави анализа на настаните почнувајќи од 1-ви февруари годинава, кога администрацијата на Обама преку Њујорк Тајмс порачува дека ја разгледува опцијата за наоружување на Киев.

Следниот ден Кери заминува на состаноци во Украина, а два дена подоцна Меркел го бара Оланд и му вели и тој да оди за Киев, по што и таа се упатува на иста локација. Сите тројца во ист ден имаат состаноци со украинските власти. Сите тројца одделно. Тројцата потоа одделно одат за Москва.

По ова разлетување Меркел, Оланд и Путин седнуваат на уште едни преговори со Украинците во Минск, од што излегува Минск 2 договорот за прекин на огнот од 11-ти февруари, "кршлив, ама се уште актуелен и останува основа за договарање долготрајно примирје."

Американците комплетно се исклучени од Минск.

Во целата напнатост продолжува нетрпеливоста меѓу Европејците и Американците, па и понатаму останува веројатноста дека Американците сепак ќе почнат со испраќање оружје во Украина "што ја натера Меркел, со Оланд зад неа, да му каже на Вашингтон, 'Доволно. Прекинете со ова. Ние не сме со вас. Го решивме ова на маса, а не со ракетни системи.'

Она што го видовме во Сочи беше помирувањето на Кери дека Вашингтон е победен во Украина: Никој повеќе нема да стои на страна додека Вашингтон агитира за воено решение, никој не е согласен со константна конфронтација со Москва и - ова не го заборавајте - никој повеќе нема да се преправа дека Владата на Порошенко е нешто повеќе од нов посев на корумпирани некадарници.

Каде да оди американски дипломат во такво време ако не на плажа на Црното море?"

4. ЕУ. Следната недела лидерите на Унијата треба да одлучат што ќе прават со санкциите против Русија кои истекуваат на 1-ви јули. По извори на Смит, 6 членки се противат на обновувањето, а до тогаш Германија би можела да биде 7-ма.

5. Последно ама можеби и најважно. Во најдобар случај администрацијата на Обама научила важна лекција по меѓународни односи. Според Смит лекцијата се содржи во цитатот на русистот Стивен Ф. Коен, од интервјуто за Салун од пред неколку седмици:

"Патот до американската национална безбедност и понатаму минува низ Москва. Не постои ниту еден голем регионален безбедносен проблем или безбедносен проблем што потекнува од некое големо прашање што можеме да го решиме без целосна соработка со кој и да е што седи во Кремљ, точка, крај на приказната. Избери отров: дали зборуваме за Средниот Исток, дали зборуваме за Авганистан, дали зборуваме за енергија, дали зборуваме за клима, дали зборуваме за нуклеарно разоружување, тероризам, соборување авиони, или зборуваме за двајца браќа терористи во Бостон."

Смит посебно воодушевен е од изјавата на Викторија Нуланд (помошник секретар за европски прашања) по посетата на Киев и Москва, во која вели дека таа и Кери се "комплетно посветени на имплементацијата на Минск."

"Каква шарада. Никој освен Американците прелажани од лоши медиуми би можел ова да го сфати сериозно. Не само што нас Американците не' дистанцираа од Минск, туку Нуланд и нејзиниот шеф жестоко се обидуваа да го поткопаа уште од моментот кога беше потпишан," пишува Смит.