Пораст на екстремната сиромаштија во земјата на изобилство

40 милиони Американци живеат во сиромаштија, а според критериумите на ОН, речиси половина од нив во длабока сиромаштија. САД имаат највисока стапка на детска сиромаштија во развиениот свет (25%), постојат луѓе кои живеат со помалку од 2 долари на ден и и згора на сè - Трамп им е претседател.

Зголемувањето на сиромаштијата непропорционално ги погодува обоените луѓе и жените, но исто така и големи делови од белците во САД. Притоа распространетоста на сиромаштијата и нееднаквоста „се шокантно во судир со огромното богатство на [САД] и нејзината посветеност кон човековите права“.

Ова се наведува во извештајот на специјалниот пратеник на ОН за сиромаштија и човекови права, Филип Алстон, кој само што заврши со 15-дневна турнеја низ САД. Неговиот тим ги посети Алабама, Калифорнија, Порто Рико, Западна Вирџинија и Вашингтон а наодите ги документираат бездомништвото, не-безбедните санитарни и отпадни води, како и полицискиот надзор, криминализацијата и малтретирањето на сиромашните.

„Оваа земја никогаш не беше без нееднаквост и без сиромаштија, но брзиот пораст во текот на изминатите две децении ја поткопа секоја јавно искажана заложба за еднаквите можности или за верувањето дека напредокот на нацијата зависи од благосостојбата на обичните Американци“, вели Премила Надасен од Барнард колеџ.

На крајот на 19 и на почетокот на 20 век, неограничениот капитализам во САД доведе до брза економска експанзија. Ова резултираше со зголемување на класните разлики и економската несигурност меѓу сиромашните, рецепт кој придонесе за кризи и за Големата депресија.

Среде оваа криза се роди идејата за модерна држава на благосостојба. Политичарите и бизнис лидерите поверуваа дека капитализмот ќе функционира подобро ако на Американците им се обезбеди основниот животен стандард. Иако најмногу придобивки имаше белата средна класа, таквата државна помош им овозможи на многу сиромашни (без оглед на бојата, односно расата) социјално осигурување за стари лица, месечни надоместоци за самохрани мајки и за лица со посебни потреби, како и минимална плата за работниците.

Иако несразмерна и стигматизирана, јавната помош успешно ги задржа повеќето луѓе да не паднат во екстремна сиромаштија. Државата на благосостојба го поттикна економскиот раст по Втората светска војна, го зајакна потрошувачкиот капитализам со зајакнување на средната и работничката класа и ветувајќи (иако во реалноста не беше секогаш така) за напредување преку пристапот до образованието и минималната економска сигурност.

Но, од 1970-тите, ваквиот систем на социјална заштита беше значително намален. Прописите за заштита на работниците беа вратени назад, а финансирањето за образование и јавни програми беше намалено. Сиромашните беа најтешко погодени. Со социјалните реформи во 1996 година, сиромашните самохрани родители со деца беа ограничени на добивање помош во рок од пет години со задолжително барање работа. Некои држави бараа отпечатоци од прсти на апликантите или нивно тестирање на дрога, со што практично ги криминализираа без основана причина. Пречките за добивање помош стануваа големи, а придобивките се намалуваа. Бројот на семејства на социјална помош од 4,6 милиони во 1996 година се намали на 1,1 милион оваа година. Но тоа не значеше дека се намалила сиромаштијата.

Наместо тоа, кастрењето на системот на заштита доведе до зголемување на сиромаштијата. Четириесет милиони Американци живеат во сиромаштија, речиси половина во длабока сиромаштија - кои што истражувачите на Обединетите нации ги дефинираа како луѓе кои пријавуваат приход помалку од половина од прагот на сиромаштијата. САД имаат највисока стапка на детска сиромаштија во развиениот свет - 25 проценти. Потоа, постојат исклучително сиромашни луѓе кои живеат со помалку од 2 долари на ден и немаат пристап до основните услуги, како што санитарии, засолништа, образование и здравствена заштита. Тоа се луѓе кои не можат да најдат работа, кои го искористија петгодишниот рок за добивање помош, кои не се квалификувале за други програми или кои живеат во оддалечени области. Тие се исклучени како од системот на социјална помош, така и од пазарот на труд.

Освен намалувањето на јавната помош и социјалните услуги, зголемувањето на екстремната сиромаштија, исто така, може да се припише и на растечката нееднаквост.

„Американскиот сон брзо станува Американска илузија, бидејќи САД ... сега имаат најниска стапка на општествена мобилност во однос на било која од богатите земји“, се вели во извештајот на ОН.

Во 1981 година, еден отсто од најбогатите заработуваа во просек 27 пати повеќе од 50 отсто од оние на дното на пирамидата. Денес првите еден отсто заработуваат 81 пати повеќе.

Сегашната даночна реформа дополнително ќе го влоши проблемот поради дарежливите даночни намалувања за корпорациите и за најбогатите Американци, а скромните даночни намалувања за повеќето семејства од средната класа, како и поради кратењето на програмите кои им помагаат на сиромашните и кои во моментов изнесуваат само 1,5 отсто од федералните расходи.

„Порастот на екстремната сиромаштија во земјата на изобилство покажува дека не треба да се зборува како да се намалат трошоците за социјалните програми, туку како да се прошират услугите и подобро да се задоволат потребите на ранливите“, вели Надасен. 

Таа додава дека еден и пол милиони американски домаќинства денес живеат во екстремна сиромаштија, речиси двојно повеќе од пред 20 години. Ако овој тренд продолжи, несомнено бројот на екстремно сиромашни Американци драматично ќе се зголемува, а тоа неизбежно ги загрозува и ги прави беспредметни вредностите на демократијата и човековите права.

22 декември 2017 - 15:44