Планета или смрт

Нималку не е лесно и наивно да се застане на браникот на родната планета и да се бори за нејзино преживување бидејќи на тој браник може да се положи и својот живот. За таа кауза, секоја година гинат стотици комити. 

Меѓународната организација Глобален сведок соопшти дека во 2018 година загинале 168 еко-активисти, со порака дека вистинската бројка веројатно е далеку поголема.

Во нивниот извештај се наведени случаите на убиства и насилни исчезнувања на активисти кои гласно работеле на заштита на еко-системи, одбрана на природни ресурси од нови рудници, деструктивни индустрии и масовно земјоделство или пак загинале бранејќи го домородното население и нивното право да продолжат раат со своите животи.  

Во извештајот се нотираат и начините на кои големите корпорации или пак владите, дури и оние западните, плетат подмолни шеми за заплашување и малтретирање активисти, насилство врз нив, смртни закани или закани со скапи судски процеси.

Глобален сведок вакви извештаи прави од 2012 година и досега првото место по број на вакви убиства беше резервирано за Бразил. Во последниот Бразил е паднат на четвртото место, после Филипини, Колумбија и Индија. Во Индија, само во еден инцидент во кој полицијата запукала на луѓе кои протестираат против рудник на бакар, биле убиени 13 лица.

Во замолчување на активистите особено ефикасни се големите корпорации кои благодарејќи на парите и нивниот ефект врз владите и локалните моќници, успеваат да ги избуткаат своите доходовни проекти, без разлика дали се работи за гасовод или големи плантажи на банани, не фермајќи колку луѓе поради тоа ќе ги изгубат своите домови, свети места или извори на храна.

23 август 2019 - 08:27