Пентагон: Американската империја колабира!

Во еден алармантен повик за будење на своите политички шефови, воената каста во Америка, преку Пентагон предупредува дека доаѓа крај на американската доминација во светот. Интересно е што опасноста веќе не се гледа само во растот на традиционалните непријатели (Русија, Кина, Иран, Северна Кореја) туку и во реалната можност арапската пролет да затропа на погрешна врата.  

Фасцинантно брутална е студијата на Пентагон изработена по едногодишно истражување и консултации со сите клучни агенции на американската одбрана а поддржана од генералштабот и директоратот за стратешки планирања. Нејзините заклучоци се сведуваат на крик за поголеми инвестиции во воениот сектор, надзорот врз цивилниот сектор и поефикасната пропаганда (преку „стратешка манипулација“ со јавното мислење). Сето тоа за да се преживее ерата на пост-доминантната Америка и да се задржи „глобалниот пристап кон ресурсите“.

Студијата заклучува дека почнува да се тенчи ако не и колабира плетката на меѓународните односи заснована по Втората светска војна под доминација на САД. Светот навлегува со фундаментално нова фаза на трансформација во која моќта на САД опаѓа, меѓународниот поредок се разместува а авторитетот на владите опаѓа насекаде. САД влегуваат во опасен и непредвидлив пост-доминантен свет кој ќе биде одбележан со отпор кон авторитетите.

Опасностите не доаѓаат само од големите ривали како Русија и Кина, или од помалите играчи како Иран и Северна Кореја туку и од зголемениот ризик од настани во стилот на арапската пролет, кои нема да се резервирани само за Блискиот исток туку можат да се случат насекаде во светот, потенцијално слабејќи ја довербата во домашните власти. 

Занимливо е што во овој документ, глобалните ривали не се сметаат за опасност заради нивната воена моќ или други безбедносни причини туку затоа што инсистираат на дневен ред да се стават и нивните легитимни национални интересни, што за Пентагон само по себе е поткопување на американската доминација. Русија и Кина се опишуваат како „ревизионистички сили“ кои имаа корист од меѓународниот поредок предводен од САД ама сега сакаат редистрибуција на моќта и „активно работат да ги демонстрираат ограничувањата на американската моќ и влијание“.

Разбирливо, на сево ова, Пентагон предлага САД да возвратат со зголемена одбрана на сегашниот статус-кво.

Уплашени дека ја губат пропагандната војна дури и од не-државни структури, американските воени кругови сметаат дека „хипер-конективноста и претворањето на информациите во оружје водат кон неконтролирано ширење на информациите кое ја загрозува тајноста на операциите и оперативната безбедност“.

Потенцирајќи ја опасноста од групациите како Исис и Ал Каеда, студијата посочува и на опасноста од „безлидерската нестабилност“ од типот на арапската пролет, што може да е клучен двигател на ерозијата на традиционалните структури на моќ.

„До сега американските стратези беа фиксирани на овој тренд на Блискиот исток. Меѓутоа, истите сили се способни да го поткопаат авторитетот на властите насекаде... не би било паметно да не се согледа дека таквите сили ќе мутираат и метастазираат со текот на времето“, наведува студијата.

Меѓу најопасните носители на ризици од граѓански немири и масовна дестабилизација Пентагон ги вбројува различните категории факти. Настрана „немањето факти“ како стар непријател на „објективната вистина“, во опасни категории се сметаат и вистините кои ѝ штетат на американската репутација. Па така, како опасни се наведуваат и информациите со “опасни факти“, информациите со „непријатни факти“ па дури и информациите „затруени со факти“(?!)

За ваквите информативни закани, Пентагон има две решенија:

  • подобро да се искористат потенцијалите за масовен надзор кои се опишани како „најголемиот и најсофистициран систем за разузнавање на светот“
  •  фокусот да не остане само на надворешните фактори и нивна пенетрација туку да се увиди дека „домашниот терен, американските индивидуалци и американското јавно мислење забрзано стануваат легитимни борбени полиња“.

Како и во сите документи кои формално излегуваат од воениот колеџ на американската армија, и во овој стои дека „ ставовите во него не мора да ја одразуваат официјалната политика на департментот за одбрана“. Но, се вели дека документот ја одразува „колективната мудрост“ на  високите и влијателни официјални кругови кои биле консултирани.

„Во таа смисла, документот е драгоцен увид во 'умот на Пентагон' и во тоа колку засрамувачки ограничен е нивниот мислечки опсег“, пишува во анализата на „Insurgence Intelligence“.

 

21 јули 2017 - 23:55