Отецот што ги сакаше дијамантите

Пет Робертсон како еден од најпознатите религиозни ликови во САД, за време на војната во Руанда во 1994-та, за помош на жртвите собира милиони долари, пари кои завршуваат во Африка, ама во рудниците за дијаманти во Конго.

Новиот документарец Мисија Конго, на Дејвид Тарнер и Лара Зизич, (премиерата ќе ја има на филмскиот фестивал во Торонто) покажува како Робертсон преку Операцијата Благослов, ги користел парите од донациите за финансирање на сопствената компанија за копање дијаманти во Конго.

Според сведоштвата на поранешни хуманитарци од Операција Благослов, летовите со кои требало да се пренесуваат бегалците од војната, Робертсон ги пренасочувал стотици километри во друг правец за да пренесуваат опрема за копање дијаманти за неговата компанија.

Освен тоа за време на целата криза Робертсон тврдел дека тие ја имале првата и најголемата медицинска пратка во бегалските логори и благодарејќи на нив, стапката на смртност паднала речиси на нула.

Наспроти него, документарецот интервјуира персонал од Доктори без граници, кој работеле на локацијата и кои тврдат дека тие воопшто не се ни сеќаваат дека во камповите виделе некој од Операција Благослов, а не да работат со нив.

"Она што е неприфатливо е дека луѓето на Операција Благослов го фотографираа персоналот на Доктори без граници и потоа сликите ги користеа на донаторски вечери за собирање средства за себе," изјавила поранешната портпаролка на ДБГ во кампот Гома.

Во филмот е интервјуиран и еден од пилотите кој летал за Робертсон. Тој изјавува дека во тоа време направил вкупно 40 лета до Конго, од нив само во 2 носел хуманитарна помош, додека во останатите пренесувал багери и слична опрема за копање.

6 септември 2013 - 15:21