Оставка на холандскиот министер за надворешни работи заради лага околу Путин

Халбе Зелстра своевремено тврди дека Владимир Путин пред него зборувал за руските експанзионистички амбиции за време на една средба во 2006. Во понеделникот холандски весник објави дека ваква средба никогаш немало. Денес, холандскиот шеф на дипломатијата си поднесе оставка.

За време на партиската конференција холандската Партија за слобода и демократија во 2016, Зелстра тврди дека присуствувал на состанок на кој рускиот претседател ги изложил своите планови „за проширување на границите на земјата и создавање на ’Голема Русија’ која ќе ги опфаќа Белорусија, Украина, Балтичките држави и веројатно Казахстан.“ Во времето на наводниот состанок Зелстра бил вработен во нафтената компанија Шел, и на патувањето во Русија бил со тогашниот ЦЕО на компанијата.

Весникот Де волкскрант пишува дека први сомнежи околу присуството на Зелстра на овој состанок доаѓаат од неговите колеги од Шел.

По ова Зелстра признава дека всушност не бил присутен во просторијата во која Путин зборувал, туку ја позајмил сторијата од друг извор и ја раскажал како своја затоа што сакал да го заштити изворот.

Зелстра денес на итната седница на холандскиот парламент ја објавил својата оставка, само неколку часа пред планираната официјална посета на Москва и неговата средба со Сергеј Лавров.

Во обраќањето пред парламентот Зелстра изјавил дека „неговиот кредибилитет е толку оштетен од овој настан што е невозможно за него да продолжи да работи на оваа позиција.“

„Јас денес не гледам никаква друга опција освен да му ја предадам мојата оставка на неговото височество Кралот,“ изјавил Зелстра пред пратениците.