Основи на проблемот со Ерусалим

Во многу полабавите децении војна меѓу Палестинците и Евреите што и претходеа на одлуката на Трамп, и двете страни го сметаа Ерусалим за своја света земја и свој главен град. Сега Трамп само отвори нова димензија, натежнувајќи на страната на Израел.

Ерусалим е оспорен од крајот на арапско-израелската војна од 1948, во која Израел ја освојува  западната половина на градот. Во текот на следната арапско-израелска војна од 1967 Израел ја освојува и источната половина. Пред сето ова, Ерусалим од Обединетите нации е прогласен за специјална меѓународна зона.

Наспроти сегашната воена доминација на Израел на теренот, очекувањата се дека единствено решение за статусот на градот е западниот дел да му припадне на Израел, а источниот дел на Ерусалим да биде на идната Палестинска држава. Проблемот со ваквото решение е што израелски закон од 1980-та го прогласува Ерусалим за „неподелен“ главен град на Израел, што значи и де факто анектирање на источниот дел од градот.

Пред САД да го добијат свој прв портокалов претседател, позицијата на земјата беше официјално да не носи никакви одлуки во врска со ова и да остави Израелците и Палестинците да се договорат меѓу себе.

Важен детал во мешањето на Трамп во целата работа, е дека тој одлучува да го признае Ерусалим за главен град на Израел, меѓутоа во исто време не го негира правото на Палестинците да го прогласат и за свој главен град. Со ова Трамп и дава значителна поддршка на позицијата на Израел за Ерусалим како неразделив град и нивна престолнина, но и не ги убива во корен намерите на Палестинците да го направат и своја престолнина.

Позицијата на САД во однос на прашањето е важна затоа тие низ годините успеваат да се наметнат како главен медијатор на двете страни (додека агресивно ја вооружуваат едната), и притоа набиваат кредит на неутрална страна која може и едните и другите да ги донесе на преговори кога ќе затреба. Иако Трамп е човекот што и официјално стави штембил на одлуката, признавањето на Ерусалим е најавувано од речиси сите американски претседателски кандидати во изминатите години, кои обично се пишманат откако ќе влезат во Белата куќа.

Сосема е друго прашањето дали САД до сега стварно беа неутрални во целата работа, и обично вон Соединетите држави, перцепцијата е дека тие се крајно пристрасни кон Израел.

„Најголем дел од светот и пред ова ги сметаше САД за пристрасни и дека не се од некоја помош, заради протежирање на интересите на Израел на начин на кој само го разгоруваат конфликтот.

Ова е делумно заради дебалансот на моќта меѓу Израелците и Палестинците. Затоа што далеку надмоќните Израелци се окупаторите, а САД се сметаат за надзорници на конфликтот, Американците понекогаш се обвинети, правилно или не, за ваквиот дисбаланс.

Делумно заради домашната политика што ги наведе американските лидери да се изјаснат за про-израелски настроени додека водат политики кои треба да се неутрални,  меѓутоа претежно ова е и заради децении старата преговарачка политика на Американците. Последните три администрации - предводени од Бил Клинтон, Џорџ Буш и Барак Обама - сите три веруваат дека треба да направат отстапки кон Израел за лидерите на Израел да се чувствуваат безбедно и доволно комфорни за да направат сопствени отстапки кон мирот.

Па потегот на Трамп, иако тој не го опишува така, може да се каже дека е во согласност со изминатата американска политика. А надвор се смета за потврдување на долгорочните сомнежи околу американското лидерство, а не како нешто драстично ново,“ пишува Макс Фишер во текстот за Њујорк тајмс.