Од ветените милиони за обнова на Нотр Дам стигнаа само ветувања

Во деновите по пожарот во Париз француските милијардери, на вџашување на секој сиромашен во државата и пошироко, лицитираа со стотици милиони евра кој ќе даде повеќе пари за обнова на Нотр Дам. До сега никој од нив нема уплатено ни пара.

Наместо ветените над милијарда евра од ултра-богатите, платите на 150-те работници кои од 15-ти април се ангажирани на катедралата се платени главно од француски и американски ситни донатори.

Информацијата е од одговорниот за односи со јавноста на Нотр Дам, Андре Фино, кој за Асошиејтед прес изјавува:

„Големите донатори немаат платено. Ни цент. Тие сакаат да знаат на што точно ќе се трошат нивните пари и дури откако ќе се согласат на тоа тие ќе ги уплатат, а не само за да плаќаат плати на работниците.“

Сопственикот на Гучи, ИСЛ и цела таа ергела луксузни брендови вети донирање на 100 милиони евра. ЦЕО-то на Тотал, изјави дека ќе донира иста сум, додека ЦЕО-то на ЛВМХ (Витон/Хенеси) вети 200 милиони долари, а иста сума најави и фондацијата која располага со парите од Лореал.

Едно од објаснувањата е дека богаташите најверојатно не сакаат да платат за работите кои нема да се гледаат чистење на просторот, инфраструктура и слични груби градежни работи, туку парите сакаат да ги дадат за уредувањето и предмети кои долгорочно ќе ја красат обновената катедрала.

Додека се чекаат богаташите да пуштат пари, работниците на терен ќе треба да расчистат околу 300 тони олово од стопениот кров на катедралата. Брзањето е и за да се спречи оловото подлабоко да продре во почвата на островчето на кое се наоѓа катедралата. Заради загадувањето беше препорачано сите трудници и деца под 7 години од околината да направат тест за проверка на количествата олово во крвта.

Освен оловото моментално се работи на расчистување на урнатините и поставување конструкција која ќе помогне во отстранување на десетиците тони изгорени рушевини. По ова сегашната пластична покривка ќе биде заменета со поробусен кров, по што ќе почне обновувањето на кровот.

16 јуни 2019 - 14:45