Неонацисти излегоа да ја бранат германската граница со Полска

Припадниците на крајно десничарската група Третиот пат (Der III. Weg) се распоредија на границата со Полска за да пресретнат кој било нелегален мигрант што ќе се обиде да влезе во Германија.

Хоби граничарите викендов биле пресретнати од германската полиција, откако претходно се собрале по повикот од Третиот пат да почнат да ја пазат границата и да преземат мерки против сите што мигранти што ќе ја минат полската граница.  Групата била опремена со стандардниот арсенал од солзавци, бајонети, мачети и палки.

Дел од приведените доаѓаат од пограничните места, меѓутоа има и такви кои пристигнале на границата од други сојузни држави.

Според германското министерство за внатрешни работи, изминативе три месеци околу 5.000 лица на диво ја минале полско-германската граница. Најголемиот број бегалци кои пристигнуваат преку „белоруската рута“ се од Ирак, Сирија, Јемен и Иран.

Германија на границата со Полска ќе испрати дополнителни 800 полицајци, а Полјаците заради бегалскиот бран само на границата со Белорусија имаат распоредено околу 10.000 војници.

Полскиот план за изградба на ѕид на границата со Белорусија доби поддршка и од германскиот министер за внатрешни работи, според кого членките на ЕУ имаат легитимно право да ги заштитат своите граници од нелегални минувања на границата.

25 октомври 2021 - 15:03