Не е сеедно кога се работи за јазикот

Францускиот претседател е гневен што и покрај брегзит и покрај сите негови лични напори, англискиот ќе остане главен јазик во повеќејазична ЕУ и по заминувањето на Англија и остатокот од Британија.

И во новиот предлог буџет за ЕУ е задржано истото ниво на финансирање за англискиот и покрај тоа што Британија следната година треба да го напушти блокот. Од Европската комисија порачуваат дека „услугите за превод и толкување на англискиот јазик ќе останат непроменети.“

Неодамна самиот Макрон околу целата работа порача:

„Ситуацијата е прилично парадоксална. Англискиот веројатно никогаш не бил повеќе присутен во Брисел отколку во моментот кога разговараме за брегзит.

Доминацијата е неизбежна.

На нас останува да поставиме одредени правила, и да направиме францускиот да биде јазикот со кој човек ќе има пристап до голем број можности.“

Минатиот месец францускиот амбасадор во ЕУ, напушти состанок на Европскиот совет затоа што целата работа се одвиваше на англиски јазик и воопшто не бил достапен француски превод.

Англискиот се води како официјален јазик на ниво на речиси сите институции на ЕУ, бидејќи е вториот јазик на најголемиот дел дипломати и функционери.

8 мај 2018 - 13:37