На што се сопна Гуаидо?

Кога на луѓе им викаш дека војската е со тебе, треба да им покажеш крупни риби од генералштабот. Кога викаш дека цел свет е со тебе, мора да рачунаш дека барем комшиите ти се сигурни. Гуаидо (засега) ги утна двете работи. Разговор на Форин Полиси со воен професор кој има анализирано речиси 500 пучеви во светот, од Гана до Советскиот сојуз.

Гуаидо се појави пред камера в зори со војници позади себе, рече дека дошол моментот и повика сите да му се придружат во последниот удар врз Мадуро. Ама потоа го снема бааги време па пак се огласи од непозната локација. Во меѓувреме од Венецуела доаѓаат снимки од тамошниот хаос, престрелки по улици, CNN го фатија како фејка и слично.

Лекција број 1: Кога веќе се појавуваш со војска, тоа треба да бидат озбилни чинови. Лекција број 2: Кога сакаш да ги убедиш луѓето дека сите се со тебе, треба да добиеш поддршка барем од комшиите. Гуаидо во моментов ги нема овие два елемента. Ниту некој од генералштабот до себе ниту пак Бразил и другите се произнесоа.

Формално, тоа што се случи во Венецуела и не е пуч бидејќи да биде категоризирано како таков треба прво да се дојде на власт и после таа да се држи барем една недела, објаснува професор Наунихал Синг, од американскиот морнарички колеџ во Њупорт, автор на книгата „Доаѓање на власт: стратешката логика на воените удари“ во кој се анализирани 471 обиди за пучеви, од Гана до Советскиот Сојуз. 

Тој остава можност дека на Гуаидо и не му е да го сруши Мадуро туку самиот да остане во игра.

Форин Полиси: На која динамика треба да се обрнујва внимание во еден ваков бурен ден?

Наунихал Синг: Вио срцето на секој преврат е дилемата кај воените лица: која страна да ја одберат а да се избегне граѓански судир и братоубиствена војна. Оној што го прави пучот треба да создаде слика дека војската е со него и дека е залудно да се биде на другата страна. Но, за да се постигне тоа, не треба да ги убедиш само дека ти си сигурен дека ќе успееш туку и дека сите други се сигурни во тоа. Ако ги убедиш луѓето дека е така, така и ќе биде.

За тоа ти е потребен директен јавен пренос. Социјалните мрежи тоа не можат да го заменат бидејќи не знаеш кој што видел на нив. 

ФП: Зошто Твитер не може да биде носител на пораката?

Синг: Ако јас сум командант на воена единица, дури и ако сум го видел твитот на официјалниот акаунт на Гуаидо, нема да знам кој друг го војската го видел. Дури и ќе се сомневам дека многумина го виделе бидејќи претпоставуваш дека е незгодно да си офицер а да го следиш Гуаидо. Тоа би го алармирало военото разузнавање и би можел да завршиш обележан како предавник.         

Дури и виралните твитови се побавни од бродкастингот. А пучот е прашање на часови.

ФП: Што нема во актуелните извештаи од Венецуела за да се разберат силите кои се во игра?

Синг: Мене ми е особено интересна реакцијата на Бразил и Колумбија. Тоа се конзервативни влади и не го сакаат Мадуро но кога Гуаидо се реши на завршен потег, тие многу очигледно не го поддржаа. Ако не можеш да издејствуваш поддршка од претседателот на Бразил, кој е еден трампистички лик кој не пази на финеси, тогаш праќаш порака дека меѓународната карта ти е слаба.

ФП: Има ли воопшто начин Гуаидо да успее? Како тоа би изгледало?

Синг: Ќе биде слично на она што го гледавме во Судан. Ако Гуаидо извади огромен број луѓе на улица, можно е да дојде до пукнатини во армијата. Но, јас мислам дека тој прави нешто друго. Мислам дека тој е загрижен за својата релевантност. Сите рефлектори беа во него но тоа бледее. Сите негови говори не го однесоа далеку. А и мандатот му е ограничен бидејќи Уставниот суд реши дека нема прав о повторно да се кандидира. 

ФП: Значи Гуаидо се соочува со лично одбројување?

Не можеме точно да знаеме која му е играта, Можеби сето ова повеќе е за повторно да се врати во центарот на вниманието, отколку да успее. Можеби повеќе посакува да биде симбол на демократијата отколку неуспешен политичар.

ФП: Видовме како оклопна кола гази луѓе во Каракас. Како случувањата од теренот ќе влијаат врз обидот за преврат?

Синг: Брутално разбивање на протестите ќе создаде добра слика за Гуаидо а лоша за властите. Во моментов се чини дека Гуаидо има малку пријатели надвор од земјата. Тоа може да се смени ако владата брутално се пресмета со незадоволните.

ФП: Гуаидо ја испорача својата клучна порака рано наутро, стоејќи пред луѓе во униформи и шлемови, со оклопни возила во позадина. Како тоа визуелно стои во споредба со другите пучеви?

Синг: Тоа е видео снимено в зори, што е класика. Но, има проблем. Имаше тој војници на снимката но за да изгледа тоа кредибилно, мора да имаш високи чинови покрај себе. Обична војска нема многу тежина.

ФП: Зошто е тоа клучна грешка? 

Синг: Традиционалниот бродкаст служи за да ги убеди воените лица дека пучот успева. Тоа не е насочено кон цивилната публика. А обраќањето на Гуаидо повеќе беше упатено кон цивилите и меѓународните фактори. Тоа значи дека или Гуаидо не разбира како функционира овој механизам или пак игра сосема друга игра.

ФП: Која е неговата крајна цел на ова?

Синг: Мислам дека чека да види дали ќе издејствува жестока реакција на Мадуро врз цивилите. Тоа може да има два епилога: во првото сценарио војската останува монолитна и станува јасно дека пучот бил предвремен, а во второто сценарио војската почнува да пука по шавови што ќе ја охрабри меѓународната заедница посилно да застанат зад Гуаидо.

2 мај 2019 - 13:27