На САД му е поевтино да им дава плата на терористите отколку да ги чува

За САД е поислплатливо да ги ослободи сите затвореници на Гвантанамо, истите да ги замоли да почнат фино да се однесуваат и за ова годишно да му плаќа по 2 милиона долари на секој од нив, отколку да продолжат да ги чуваат.

Математиката ја вади Мајами Хералд, според кој сегашното функционирање на затворот (одржување, плати за војската, чинење на воените судови и другите трошоци) годинава го чини САД 454 милиони долари.

Трошокот од речиси половина милијарда долари годишно се прави за чување на само 166 затвореници, од што излегува дека еден затвореник го чини САД 2,7 милиони долари годишно. Во сумата не се влезени трошоците од 13,5 милиони долари за изградба на административната зграда или непознатите трошоци за одржување на "Camp 7" крилото на затворот. За споредба, во извештајот од 2010-та властите на Калифорнија објавија дека чувањето на еден затвореник ги чини 47.000 долари годишно.

"Хипотетички САД би можел на секој затвореник да му плаќа по 2 милиона долари годишно за тој да не мрда со прст... и на крај да заштеди околу 110 милиони долари годишно," пишува Лос Анџелес Тајмс.

1 август 2013 - 12:26